На крајот од својот живоен век една ѕвезда како Сонцето можеби нема да заврши како супернова, но тоа не значи дека нејзиниот крај ќе биде тивок.
Како што на ѕвездата и снемува гориво и станува нестабилна, таа се шири до апсолутно огромни димензии пред да го отфрли својот надворешен материјал додека нејзиното јадро колабира во мало, ултра густо, бело џуџе.
Сонцето во тој стадиум на надуван црвен џин може да се протега дури до Марс во процес кој ќе ги дестабилизира и уништи планетите во близина.
Постојат и бели џуџиња кои имаат свои планети, што сугерира дека некои од нив може да го преживеат процесот или да се формираат по него. Но, научниците се повеќе откриваат дека многу егзопланети се евентуално изедени од белото џуџе. Овој феномен е предмет на истражување на некропланетологијата преку испитување на присуството на планетрани елементи во атмосферите на белите џуџиња.
Сега астрономите го открија најстариот познат пример. Егзопланета која била консумирана од бело џуџе формирано пред 10,2 милијарди години. Белото џуџе е оддалечено околу 90 светлосни години од Земјата и е неверојатно мало и бледо, со невообичаена нијанса поцрвена во однос на другите бели џуџиња. Второ бело џуџе, невообичаено плаво, се има формирано пред 9 милијарди години. Двете ѕвезди се опколени со „загадување“ од планетарни остатоци.
Иако црвеното џуџе именувано WD J2147-4035 е најстариот пример на загадено бело џуџе, сината ѕвезда наречена WD J922+0233 е потенцијално поинтересна. Елементите во нејзината атмосфера укажуваат на планета многу налик Земјата.
„Ги откривме најстарите ѕвездени остатоци во Млечниот Пат кои се загадени со остатоци од планета налик Земјата“ вели астрофизичарката Абигејл Елмс од универзитетот Варвик во Обединетото Кралство. „Неверојатно е да се замисли дека ова се има случено пред 10 милијардни години и дека тие планети умреле пред да се форимра Земјата.“
Можеме да го дисецираме хемискиот состав на атмосферата на ѕвездата од светлината која ја произведува. Не сите бранови должини се емитуваат подеднакво. Ова е поради тоа што елементите може да апсорбираат и реемитуваат светлина, менувајќи го спектарот на светлината која доаѓа од ѕвездата.
Не е веднаш јасно кои елементи се присутни, но научниците стануваат се подобри во нивното идентификување.
Кога Гаја (Gaia) на Европската вселенска агенција ги идентификуваше двете невообичаено обоени бели џуџиња, Елмс и нејзините колеги извршија ралзични испитувања.
Бидејќи кај белите џуџиња повеќе нема фузија на елементи во нивното јадро, нивната температура опаѓа со позната стапка. Мерејќи ги температурите на ѕвездите истражувачите успеале да одредат пред колку време се формирале. Потоа ги анализирале спектрите на ѕвездите со цел да го одредат нивниот атмосферски состав. Кај црвената ѕвезда пронашле натриум, литиум, калиум и можеби јаглерод. Кај плавата ѕвезда нашле натриум, калциум и калиум.
Бидејќи белите џуџиња се толку интензивни во својата гравитација, овие елементи би требало многу брзо да исчезнат во нивната внатрешност каде не би можеле да се детектираат. Присуството на елементите означува дека материјалот во кои се содржат сѐ уште паѓа врз ѕвездите од облак на остатоци околу нив.
Кај WD J2147-4035, тимот одредил дека загадувањето е најверојатно од планетарен систем кој орбитирал околу ѕвездата пред таа да умре, преживувајќи ги ѕвездените смртни маки, од кога веќе милијарди години паѓа во неа. Бидејќи ѕвездата се има претворено во бело џуџе пред 10 милијарди години ова е најстариот досега откриен планетарен систем во Млечниот Пат (и покрај тоа што веќе е дезинтегриран и исчезнува).
Остатоците кај WD J1922+0233 се со сличен состав како земјената континентална кора, што значи дека можеби планета налик Земјата орбитирала околу ѕвезда налик Сонцето, живеела и умрела милијарди години пред да се формира Сончевиот Систем.
Ова откритие е како фосил кој ни кажува какви биле планетарните системи во Млечниот Пат еони пред ние да пристигнеме и да се восхитуваме на неговите чуда.
„Кога овие стари ѕвезди се формирале пред повеќе од 10 милијарди години, универзумот бил помалку богат во метали отколку денес, бидејќи металите се формираат во еволуирани ѕвезди и џиновски ѕвездени експлозии“ вели астрофизичарот Пјер-Емануел Трембли од универзитетот Варвик. „Двете набљудувани бели џуџиња ни даваат возбудлив преглед на планетарната формација во средина сиромашна со метали но богата со гас која била различна од условите на формирање на Сончевиот Систем.“
Истражувањето е објавено во Месечните известувања на Каралското астрономско друштво.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: www.sciencealert.com