Црната дупка на Млечниот Пат исфрла објекти со големина на планета

0
Црната дупка на Млечниот Пат исфрла објекти со големина на планета

Уметнички приказ на фрагментите со големина на планета исфрлени од црната дупка. Заслуги: Mark A. Garlick/CfA

На секои неколку илјади години, некоја „несреќна“ ѕвезда минува многу блиску до црната дупка во центарот на Млечниот Пат. Моќната гравитација на црната дупка ја распарчува ѕвездата испраќајќи долга река од гас настрана од црната дупка. Тоа можеби звучи како крај на приказната за таа ѕвезда, но според нови истражувања не само што гасот се собира во објекти со големина на планети, туку и тие се исфрлаат низ галаксијата.

„Една ѕвезда може да формира стотици вакви објекти, но каде завршуваат? Колку блиску доаѓаат до нас? Развиен е компјутерски код кој ќе ни овозможи да одговориме на овие прашања,“ вели главниот автор Еден Гирма, апсолвентка на Универзитетот Харвард и член на институтот Бенекер/Азтлан.

Според пресметките на Гирма, најблиските од овие масивни објекти може да бидат само неколку светлински години оддалечени од планетата Земја. Масата на овие објекти може да биде некаде помеѓу масата на Нептун, па сè до неколку маси на Јупитер. Поради топлината од нивното создавање, овие објекти ќе оддаваат светлина, но не доволно голема за да бидат забележани со претходните набљудувања. Во иднина, телескопите како Големиот синоптички набљудувачки телескоп и Вселенскиот телескоп Џејмс Веб ќе може да ги забележат овие вселенски реткости.

Таа исто заклучува и дека моштвото од овие објекти, околу 95%, комплетно ќе ја напуштат нашата галаксија, поради нивните огромни брзини од околу 32.200.000 километри на час. Бидејќи повеќето галаксии имаат огромни црни дупки во нивното јадро, најверојатно истиот процес работи и кај нив.

„Други галаксии, како Андромеда, постојано исфрлаат вакви објекти кон нас,“ вели коавторот Џејмс Гилочон од Центарот за астрофизика Харвард-Смитсон (CfA).

Иако овие објекти имаат големина на планети, тие се многу различни од типична планета. Тие се буквално направени од ѕвездена материја и, бидејќи различни објекти се развиваат од различни делови од поранешната ѕвезда, нивниот состав ќе биде различен.

Исто така, тие се формираат многу побрзо од нормална планета. На црната дупка ѝ е потребен само еден ден за да распрсне една ѕвезда (во процес познат како плимско нарушување), и само околу една година фрагментите да се соберат заедно, за разлика од милионите години потребни да се создаде една планета како Јупитер. Од нивното создавање, потребни се околу милион години за овие формации да дојдат во нашето соседство.

Превод: Бобан Панов

Извор: Phys

Сподели.