Астронаутите би можеле да платат ужасна цена при патувањето до Марс, вели истражување финансирано од НАСА

0

По повод 60-тиот роденден, НАСА објави некои навистина амбициозни цели. Не само што агенцијата планира да се врати назад на Месечината во наредните 10 години, туку тие исто така сакаат да стигнат до Марс за 20 години. Но тоа што вселенската агенција вели дека е подготвена да лансира луѓе кон Црвената Планета, не значи дека и луѓето се способни за тој влог.

PNAS објави истражување кое крева црвени знаменца кога е во прашање влијанието од временски пролонгираниот престој во вселената, како патувањето до Марс врз здравјето на луѓето. Да речеме дека наодите би можеле да ве принудат повторно да размислите пред да се пријавите за некоја претстојна мисија.

За да ги тестираат биолошките ефекти на зрачењето од длабоката вселена, истражувачите бомбардирале мали цревца од глувци со галактичко космичко зрачење слично на она на кое би биле подложени астронаутите во длабоката вселена. Глувците изложени врз тешки јони биле споредени со оние изложени врз гама зраци (кои имаат слични нивоа на зрачење како и X-зраците) и со трета неозрачена група. Тие откриле дека зрачењето би можело да предизвика значителна штета на дигестивните ткива, што би предизвикало долготрајна функционална промена и зголемен ризик за развој на тумор во пределот на стомакот и дебелото црево.

Цревните клетки од глувци кои беа изложени на тешки јони исто така соодветно не ги апсорбираа хранливите состојки. Понатаму, зрачењето со јони ја оштети ДНК, што влијаеше на миграцијата на клетки потребни да ја заменат цревната обвивка за здраво и нормално функционирање на дигестивниот систем. Штетата изгледа е трајна.

„Ние ги документиравме ефектите од зрачењето во длабоката вселена на некои витални органи, но веруваме дека слична штета може да настане во многу органи,“ објаснува постариот истражувач Камал Дата во својата изјава. „Важно е однапред да ги разбереме овие ефекти, така што ќе сториме се што можеме за да ги заштитиме нашите идни вселенски патници.“

Ова истражување се надоврзува на претходните истражувања кои предлагаат дека изложувањето врз енергетски тешки јони во вселената – кои не се присутни на Земјата поради нејзината глобално-заштитничка магнетосфера – би можело да предизвикаат оштетување врз нервниот систем, односно мозочните ткива, како и забрзување на процесот на стареење.

„Тешките јони на железо и силициум се штетни поради нивната голема маса во споредба со фотоните без маса како што се X-зраците и гама зраците кои преовладуваат на Земјата, како и протоните со мала маса во надворешната вселена,“ вели Дата.

Едно од претходните истражувања, базирајќи се на податоците добиени од ExoMars, процени дека едно патување до Марс би ги изложило астронаутите на најмалку 60% од вкупната гранична доза моментално препорачана за целата нивна кариера. Според истражувачите, тешко е моменталната технологија да ги заштити астронаутите од негативните ефекти на зрачењето со тешки јони. Во иднина може да постои начин со кој би можеле да искористиме некои нови медицински откритија кои ќе се спротивстават на овие ефекти, но засега, се‘уште нема такви пронајдоци.

„Додека кратките патувања, како времето кое астронаутите го поминуваат патувајќи до Месечината, не може да ги изложи патниците до ова ниво на зрачење, па причина за загриженост би претставувале долготрајните повреди од долги патувања, како на пример, мисиите за истражување на Марс или длабоката вселена, кои би траеле многу подолг временски период.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: iflscience.com

Сподели.