Пронајдени три карпести егзопланети кои орбитираат околу ѕвезда оддалечена 12 светлосни години

0

Пронајдени се три нови егзопланети кои орбитираат околу блиска ѕвезда, а за едната од нив се претпоставува дека има прилично големи шанси да содржи услови за развивање на живот.

Глиесе

Уметничка визија на три планети околу црвеното џуџе. Заслуги: ESO/M. Kornmesser

Сите три се карпести и се со големина на нашата планета Земја и најнадворешната егзопланета која орбитира околу ѕвездата се наоѓа во зоната погодна за живот каде што температурите се погодни за постоење на течна вода на самата површина.

Ѕвездата е наречена Gliese 1061, а се наоѓа на оддалеченост од околу 12 светлосни години што ја прави 20-та најблиска ѕвезда до Сончевиот систем. Трите егзопланети се означени како Gliese 1061 b, Gliese 1061 c и Gliese 1061 d.

Gliese 1061 е црвено џуџе. Ваквите ѕвезди се ладни и не се многу сјајни, што значи дека зоната погодна за живот се наоѓа многу поблиску до самата ѕвезда отколку кога се работи за сјајна ѕвезда со голема температура како што е на пример Сонцето. Воедно, планетите коишто орбитираат многу блиску до самата ѕвезда се многу полесни за наоѓање за разлика од подалечните планети.

Сето ова ги прави планетите одлични за истражувања, но тоа и не дава целосна сигурност дека истите се и погодни за живот.

Gliese 1061 е многу слична со Проксима Кентаури, но со една клучна разлика: истата е многу потивка, што значи и дека поголеми се шансите за создавање живот.

Иако навидум изгледа како да една ѕвезда е помалку или повеќе фиксирана во една позиција, планетата и ѕвездата всушност орбитираат околу заеднички центар на гравитација. Тој обично се наоѓа внатре во самата ѕвезда.

Од направените истражувања добиени се податоци за масата на планетите. Највнатрешната планета

Gliese 1061 b е 1.38 од масата на земјата, средната Gliese 1061 c е 1.75 од масата на земјата и најнадворешната Gliese 1061 d е 1.68 од масата на земјата. Според ова доаѓаме до сознание дека планетите се карпести, бидејќи ваквите маси ретко се наоѓаат кај гасовитите планети.

Сите три планети орбитираат околу ѕвездата многу блиску за разлика од планетите во Сончевиот систем. Gliese 1061 b прави целосен круг за 3.1 ден, Gliese 1061 c за 6.7 дена, а Gliese d за 13 дена. Самата ѕвезда е толку ладна што овие орбити ја сместуваат Gliese 1061 d во зоната погодна за живот, а Gliese 1061 c скоро на работ на таа зона.

Секако, ова не значи дека животот постои и чека да биде пронајден на 12 светлосни години од тука.

Истражувачите додаваат и дека иако ѕвездата сега е прилично мирна и тивка, во минатото можеби била многу активна. Доколку планетите кои орбитираат околу неа биле изложени на ѕвездена радијација, тогаш каков и живот да постоел таму бил прекинат.

Превод: Христина Милошевска

Извор: sciencealert.com

Сподели.