Типови на маглини

0

Постојат неколку видови на маглини, кои се категоризираат во однос на тоа како изгледаат кога ќе се погледнат низ телескоп. Постојат 5 главни типови на маглини: емисиони маглини, рефлексиони маглини, апсорпциони маглини, планетарни маглини и остатоци од супернови.

Емисионите маглини, како што споменавме, постојат во близина на масивните ѕвезди со високи температури. Високофреквентните фотони што се зрачат од ѕвездите ги возбудуваат електроните во околниот гас, кои преминуваат во повисоки енергески нивоа. При рекомбинацијата, атомите зрачат со свои карактеристични бранови должини и тоа се доживува на Земјата како емисиона маглина. Најпознат претставник на овој тип на маглини е Орионовата маглина (M 42).

Рефлексионите маглини, за разлика од емисионите, се состојат повеќе од прашина отколку од гасови. Тие ја расејуваат светлината од околните ѕвезди и светлината што се забележува е расејаната светлина од ѕвездите. Расејувањето е поефикасно за сината светлина отколку за црвената, поради ефектот на Рејлиево расејување. Карактеристичен претставник на ваква маглина е маглината што ги опкружува Плејадите (M 45).

Апсорпционите маглини се темни облаци од гас и прашина кои се откриваат како сенка пред позадинска светла ѕвезда или регион. Тоа се темни региони низ кои не минува видлива светлина, туку само инфрацрвени и радио бранови. Ова се, всушност, молекуларни облаци, во кои има доволно ниски температури за да можат да опстојуваат атоми, па и молекули. Претставник од овој тип на маглини е маглината Коњска глава (NGC 2024), во Орион.

Планетарните маглини настануваат од ѕвезди во доцните стадиуми на развој. Кога ѕвездата е во стадиум на црвен џин и кога исфрла голема количина на материја, таа материја се исфрла подеднакво на сите страни и во телескопот изгледа како круг кој потсетува на орбитите на планетите околу нивната матична ѕвезда (оттука и доаѓа името на овој тип маглини, зададено од William Herschel, иако нема поврзаност меѓу планетите и планетарните маглини). Спектрите на овие ѕвезди се комбинација од емисии на гасовите на маглината и на централната ѕвезда, којашто е или бело џуџе, или во процес на станување на бело џуџе или неутронска ѕвезда. Формите на овие маглини се најчесто сферни, со комплексни структури што произлегуваат од различните брзини на движење на гасовите и од различните периоди на губење на маса. Некои маглини можат да добијат и издолжени форми, бидејќи централната ѕвезда, всушност, може да е бинарен систем или да има прстен од гас околу неа, кој го ограничува расејувањето. Познати вакви маглини се Ring Nebula (M57) во Лира, Helix Nebula (NGC 7293) во Водолија и Dumbbell Nebula (M27) во Лисица.

Остатоците од супернови настануваат како резултат на исфрлањето на материјата при експлозија на супернова. Кога масивната ѕвезда ќе го согори целиот свој водород, хелиум и сите елементи до железото, гравитацијата го компресира железното јадро до момент кога силите меѓу одделните честици во него ќе го одбијат понатамошниот колапс и ќе го распукаат јадрото нанадвор. Оваа материја што се исфрла нанадвор ќе се судри со материјата од надворешноста, при што ја загрева до огромни температури, кои придонесуваат за синтеза на потешки елементи, или пак се зрачат нанадвор, како кај емисионите маглини. Бидејќи исфрлената материја се собира во грутки, маглините што се остатоци од супернови најчесто имаат неправилни облици. Најпознат претставник од овој тип на маглини е маглината рак (CrabNebula – M1) во Бик.

Сподели.