НАСА открива потенцијално населлив свет со големина на Земјата во „златната“ зона на една ѕвезда

0

Сателитот за ловење планети на НАСА, ТЕСС, откри свет со големина на Земјата во населливата област на неговата ѕвезда, што би можело да значи присуство на течна вода.

Уште еден преседан за Сателитот за преглед на транзитирачки егзопланети (Transiting Exoplanet Survey Satellite – TESS) е тоа што откри свет кој орбитира две ѕвезди, потсетувајќи на планетата Татуин од Војна на ѕвездите, но за кој не е многу веројатно дека може да оддржува живот.

Потенцијално населливата планета, наречена „TOI 700 d,“ е релативно близу до Земјата – на само 100 светлосни години, како што објави Лабораторијата за млазен погон (Jet Propulsion Laboratory) на НАСА при зимскиот состанок на Американското астрономско друштво во Хонолулу, Хаваи.

Проксима Кентаури, ѕвездата најблиска до Земјата, е на само четири светлосни години далечина.

„TESS беше лансиран за да наоѓа планети со големина на Земјата кои орбитираат блиски ѕвезди,“ вели Пол Херц, директорот на одделот за астрофизика на НАСА.

TESS првично погрешно ја класификуваше ѕвездата, што значи дека планетите се чинеле поголеми и пожешки отколку што навистина се. Но неколку астрономи-аматери, вклучувајќи го и средношколецот Алтон Спенсер – кој работи со членови на тимот на TESS – ја идентификуваа грешката.

„Кога ги поправивме параметрите на ѕвездата, големините на планетите се спуштија, и сфативме дека најнадворешната всушност е голема колку Земјата и во населливата област,“ рече Емили Гилберт, постдипломец при Универзитетот Чикаго.

Откритието подоцна беше потврдено од страна на вселенскиот телескоп Спицер.

Неколку други слични планети се веќе откриени, со значителен придонес од вселенскиот телескоп Кеплер, но ова е првата откриена од TESS, кој беше лансиран во 2018.

TOI 700 d

Уметнички приказ на TOI 700 d. (Годард центарот за вселенски летови при НАСА)

Токму

TESS се стабилизира на една точка на небото за да забележи дали објекти – планети – поминуваат пред ѕвезди, што предизвикува привремен пад во светлоста на ѕвездата. Со ова TESS може да го заклучи присуството на една ѕвезда, нејзината големина и орбита.

Ѕвездата TOI 700 d е мала, околу 40% голема колку Сонцето и само со половична температура.

TESS откри три планети во орбита, наречени TOI 700 b, c и d. Само „d“ е во таканаречената „златна зона,“ (“Goldilocks zone”) не многу далеку и не многу блиску до ѕвездата, каде што температурата би можела да го дозволи присуството на течна вода.

Името се однесува на бајката за Златокоса и трите мечки, каде што едно мало девојче пробува три чинии со каша и открива дека една е „токму – не многу жешка и не многу ладна“.

TOI 700 d е околу 20 проценти поголема од Земјата и орбитира околу својата ѕвезда за 37 дена. Таа прима 86 проценти од енергијата која Земјата ја прима од Сонцето.

Останува да се види од што е направена оваа планета. Истражувачите создадоа модели основани на големината и видот на ѕвездата за да ги предвидат атмосферскиот состав и површинската температура на планетата.

НАСА објасни дека во една симулација планетата е покриена со океани, со „густа атмосфера во која преовладува јаглерод диоксидот, слична на атмосферата која научниците претпоставуваат дека Марс ја имал кога бил помлад.“

Планетата е во синхрона ротација околу TOI 700, што значи дека само една страна на планетата е секогаш свртена околу ѕвездата, слично на тоа како од Земјата никогаш не можеме да ја видиме „темната страна“ на Месечината.

Синхроната ротација значи дека, во друг модел, една страна на планетата постојано била покриена со облаци.

Трета симулација предвиде копнен свет, каде што ветровите дуваат од темната кон светлата страна на планетата.

Мноштво астрономи ќе ја набљудуваат планетата со други инструменти за да соберат нови податоци кои можеби ќе се совпаднат со некој од моделите на НАСА.

hz

Орбитите на трите засега познати планети на TOI 700. (Годард центарот за вселенски летови при НАСА)

Планета како Татуин

Уште едно откритие соопштено на состанокот беше првата пронајдена егзопланета која орбитира две ѕвезди наместо една од TESS, позната и како циркумбинарна планета.

Соопштението поттикна споредби со светот на Лук Скајвокер, Татуин, во филмската сага „Војна на ѕвездите,“ со нејзините волшебни двојни зајдисонца.

Но самата големина на новонајдената планета – 6,9 пати поголема од Земјата, голема речиси колку Сатурн – значи дека не е веројатно да може да се живее на неа.

Наречена TOI 1338 b, таа е единствената планета во системот TOI 1338, кој се наоѓа на 1300 светлосни години во соѕвездието Пиктор, и завршува една цела орбита за 95 дена.

Двете ѕвезди целосно орбитираат една околу друга на секои 15 дена. Една е околу 15 проценти поголема од Сонцето, а другата е поладна, потемна, и само една третина од масата на Сонцето.

TOI 1338 b беше идентификувана од Волф Кукиер, средношколец кој имал стажантство во НАСА претходното лето.

Системот бил означен како еклиптички бинарен систем, каде што две ѕвезди се вртат една околу друга и се еклиптираат (ја затскриваат другата планета) од наша гледна точка. Но, откако ги прегледал податоците, Кукиер сфатил дека таму има и планета.

Циркумбинарните планети се тешки за забележување и засега научниците имаат откриено околу 24, од кои првата била откриена во 1993.

Превод: Јоаким Јаковлески

sciencealert.com

Сподели.