Иако вселенските летала распрснати низ Сончевиот Систем носат восхитувачки научни податоци, телескопите кои се наоѓаат на Земјата сè уште обезбедуваат клучен увид при набљудувањето на малите и големите небесни објекти. Овие телескопи им овозможуваат на астрономите да ги откријат и карактеризираат малите објекти во нашиот сончев систем, како што се астероидите, кометите, Тројанците, кентаурите и транс-Нептунските објекти, што придонесува кон подобро разбирање на формирањето, еволуцијата и особините на Сончевиот Систем.
Од тие причини, заедницата која се бави со проучување на мали објекти со нетрпение го очекува Големиот Телескоп за Синоптички истражувања (Large Synoptic Survey Telescope или LSST), кој може биде преименуван во Вера Рубин Истражувачки Телескоп од страна на Американскиот Конгрес и е примарно финансиран од Националната Научна Фондација.
Една од четирите главни цели на LSST e да „направи попис“ на Сончевиот Систем. Иако првата помисла би била дека ова е веќе завршена задача, со оглед на тоа што веќе се откриени над 800 000 објекти, вистината е дека сè уште се наоѓаме на почетокот на откритијата.
LSST откритија
Се очекува LSST да го зголеми десеткратно бројот на познатите мали објекти. Десет пати повеќе мали објекти! Со ова, бројот на мерења на позициите на познатите мали тела ќе се зголеми за повеќе од сто пати и ќе овозможи огромен број на подлабоки научни истражувања споредено со било кога. Целосното научно истражување се очекува да почне при крајот на 2022 и дад трае 10 години, иако голем дел од науката посветена на малите тела може да се заврши во првите години на оперирање на телескопот.
Како LSST може да направи толку многу? Тој е 8 метарски телескоп лоциран на врвот Серо Пачон во Чиле, кој е астрономски одлична локација, при што телескопот може да детектира бледи објекти доста брзо. Има огромно видно поле од 10 квадратни степени, што е еквивалентно на круг со дијаметар 7 пати поширок од Месечината. Ова значи дека може да најде многу бледи објекти, и може да го прави тоа со повторувања. Иако финалната стратегија за набљудување сè уште се оптимизира, LSST ќе го слика целото небо на секои неколку дена, односно ќе снима 6 терапикселско (околу 6 милиони мегапиксели) високо-прецизно видео од ноќното небо. Малите објекти се движат релативно од позадинските ѕвезди поради паралаксата предизвикана од движењето на Земјата и сопственото хелиоцентрично движење. Софистицирани алгоритми можат да ги поврзат индивидуалните набљудувања на овие објекти во орбитални траектории.
LSST ќе направи повеќе од откривање и следење на малите објекти. Опсервацииите најчесто ќе бидат доволно прецизни за да откријат варијации во светлината кои се доказ за брзината на движењето на овие тела, што е индикација за нивниот состав и атмосферата.
И ова е само почетокот. Научниците ќе можат да го користат LSST за голем број на интересни научни случаи. Ќе бидеме во можност порано да ги откриваме кометите и да ги следиме подолг период. Ќе може да одредиме директно дали некои објекти од Кајперовиот појас имаат придружници и веројатно ќе се откријат голем број на нови бинарни системи. Ќе ги забележуваме астероидите кои еруптираат во активност налик на комета и ќе гледаме како таа активност се менува со тек на време. Ќе откриеме повеќе групи на мали објекти, т.н. фамилии, кои се доказ за судири на некои поголеми тела. Ќе откриеме нови објекти кои може да бидат понатаму проучени од роботи па дури и од човекот. Понекогаш малите тела ќе се приближат доволно едно до друго така што нивниот гравитациски пул може да се детектира, овозможувајќи мерења на нивните маси како што немало никогаш досега. Ќе има огромно зголемување на објектите кај кои може да се заклучи формата и ориентацијата на вртење. Листата продолжува…
Превод: Даница Ѓорѓевска
Извор: http://planetary.org