Собирањето примероци од астероидот Рјугу нема да биде лесно

0

Научниците и инженерите кои стојат позади Хајабуса2 јапонската мисија имаат многу време за подготовка пред собирањето на примероци од површината на астероидот Рјугу.

Хајабуса2 пристигна на Рјугу во јуни, постави три ровери во септември и спушти еден лендер на почетокот од овој месец. Собирањето примероци од површината на астероидот требаше да се случи овој месец, но се откажа до почетокот на 2019 година затоа што Рјугу и Хајабуса се подготвуваат за едномесечниот период во кој ќе се наоѓаат на спротивна страна од Сонцето гледано од Земјата.

“Кога аголот помеѓу вселенското летало, Земјата и Сонцето ќе стане помал од 6 степени доаѓа до попречување на комуникацијата со што се оневозможува испраќање сигнали до Хајабуса2”, вели Елизабет Таскер од Јапонската Вселенска Истражувачка Агенција. “Како што аголот се намалува се повеќе и повеќе, доаѓа до момент кога Сонцето станува физичка пречка.”

Од Јапонската Вселенска Истражувачка Агенција велат дека ова одложување ќе им даде повеќе време да ја истражат површината на Рјугу, дополнително ќе дознаат многу повеќе за работењето на нивното вселенско летало.

Местото за слетување ЛО8-Б (црвениот круг) е широко само 20 метри. Заслуги: JAXA, Универзитет на Токјо, Кочи Универзитет, Риккјо Универзитет, Нагоја Универзитет, Чиба Институт за Технологија, Меиџи Универзитет, Аизу Универзитет, AIST (круг додаден од Џејсон Дејвис / Планетарното Здружение)

Хајабуса2 има ширина од шест метри, со централно јадро со големина на фрижидер. За да собере примерок, едно метарски долга направа од вселенското летало задолжена за тоа, треба физички да ја допре површината на астероидот. Откако тоа ќе се случи, од неа излегуваат малечки проектили што помагаат во земањето на примероци.

Се покажа дека наоѓање на површина што е доволно рамна за вакво нешто е прилично тешко. Рјугу е широк само еден километар и е со премногу камења и испакнатини. На тимот му е потребно место со ништо повисоко од 50 сантиметри. Сѐ што е повисоко од тоа носи ризик за вселенското летало.

Хајабуса2 работи со помош на оптички камери и ласер. Камерите му помагаат на леталото да се насочи во вистинскиот правец, додека пак ласерот му посочува на леталото колку е блиску до површината.
Претходно, официјалните претставници од Јапонската Вселенска Истражувачка Агенција претпоставуваа дека местото за спуштање треба да биде широко 50 метри. Системот за навигација е точен само до одреден степен.

Откако изборот се стесни на само три места, беше најдено најширокото место од 20 метри, многу помалку од првичниот критериум од 50 метри ширина. Од претходно извршените маневри на 15 октомври тимот верува дека можеби и десет метарско широко место ќе биде доволно.

Местото за слетување од блиску Сликите добиени од малите сонди кои беа поставени на површината, покажуваат дека таму можеби и нема добар материјал за собирање. Но менаџерот на мисијата, Макато Јошикава вели дека тоа нема да биде проблем. Заслуги: JAXA, Универзитет на Токјо, Кочи Универзитет, Риккјо Универзитет, Нагоја Универзитет, Чиба Институт за Технологија, Меиџи Универзитет, Аизу Универзитет, AIST

“Методот на собирање податоци на Хајабуса2 може да биде искористен за секаков вид на површина, од песок па сѐ до карпи”, вели Таскер.

Сеуште не е одреден конечен датум за собирање примероци. Хајабуса2 ќе остане на Рјугу во најголем дел од 2019 година пред да се врати назад на Земјата во 2020.

Превод: Христина Милошевска

Извор: Planetary.org

Сподели.