Орбитерот на европско-руската мисија TGO, испратен во потрага за знаци за живот на Марс, успешно ги прими податоците од модулот Скјапарели (Schiaparelli), потврди Европската Вселенска Агенција – ESA. Сè уште не се знае дали модулот именуван според италијанскиот астроном од 19-ти век го преживеа спуштањето на Црвената планета.
„Лендерот Скјапарели, познат и како Entry, Descent & Landing Demonstrator Module (EDM, модул за влез и спуштање на тлото) функционирал совршено до одредена точка“, изјави водачот на планетарната мисија, Андреја Акомацо (Andrea Accomazzo). „Но, кога Скјапарели со помош на падобран се приземји, не се однесуваше како што беше очекувано“, додава Акомацо. „Ќе биде потребно извесно време за анализа на податоците.“
На прашањето од публиката поставено по пат на телеконференција, за тоа колкави се шансите Скјапарели сè уште да е во еден дел, односно да не е оштетен и раздвоен на повеќе делови, генералниот директор на ESA, Иан Ворнер (Jan Woerner) кратко одговори – „Не знаеме“.
Мисијата ЕгзоМарс (ExoMars) се состои од сондата Trace Gas Orbiter (TGO) и модулот за влез, спуштање и атерирање (EDM), а името го добил по Џовани Скјапарели, италијански астроном од 19-ти век. По седуммесечно патување и поминати 496 милиони километри, контролорите на мисијата го одвоија EDM од сондата минатата недела во 16:40 часот по средноевропско време. Сондата TGO се сместила во очекуваната орбита и нормално функционира, што беше поздравено со аплауз во центарот на ESA.
Но, Скјапарели тежок 577 килограми и дизајниран да слета на површината на планетата, после ризичното шестминутно спуштање, користејќи падобран и мотори за да се намали брзината од скоро 21.000 км/ч, не се огласил бидејќи контактот со него бил загубен во последниот момент, пред предвиденото време, објавила ESA.
Превод: Александра Бошкова
Извор: Znanost