Што ќе се случи со вашето тело во Вселената без космонаутски костим?

0

Дали некогаш сте се запрашале што би се случило со вашето тело во Вселената без космонаутски костим? Дали е толку драматично колку што го прикажуваат во филмовите? Дали буквално би експлодирале? Дали би можеле да преживеете?

На Земјата живееме прилично удобен живот благодарение на атмосферата. Таа нè заштитува од штетните УВ зраци на Сонцето, ја регулира температурата и исто така одржува пријатен атмосферски притисок. Меѓутоа, вакуумот во Вселената е многу понепријателски настроен. Без ова дебело атмосферско „ќебе“, би биле изложени на разни работи.

Една од најголемите опасности е недостатокот на кислород, како и ебулизиам. Ебулизам претставува формирање на меурчиња во телесните течности како резултат на околниот притисок. Притисокот на вакуумот во Вселената е толку низок, што точката на вриење во телото се намалува под нормалната телесна температура (37 степени Целзиусови), што е резултат на формирањето на меурчниња од гас во телесните течности, и тоа може да направи голема штета. Ќе отечете прилично многу, можеби дупло од вашата нормална големина, но нема да експлодирате бидејќи кожата е многу еластична. Крвта исто така нема да ви зоврие. Секако, ќе бидете во неизмерно голема болка и циркулацијата на вашата крв ќе биде попречена.

Другата сериозна опасност е недостатокот на кислород. По околу 15 секунди вашето тело ќе го има потрошено целиот кислород кој е складиран и би ја изгубиле свеста. Можеби ќе си помислите: „Но јас можам да го задржам здивот со минути!“ Ситуацијата во Вселената е малку поинаква од таа на Земјата поради недостатокот на притисок – ако го задржете здивот во Вселената без космонаутски костим ќе бидете во голема неволја. Ова е така затоа што преостанатиот воздух многу брзо ќе се прошири и ќе ви ги пробуши белите дробови.

Откако ќе ја изгубите свеста, најверојатно ќе можете да издржите уште неколку минути пред да умрете. Се разбира тука се и гадните УВ зраци од Сонцето коишто би ви задале ужасни изгореници. УВ и другите високоенергетски фотони (X – зраци и гама зрачење) исто така би ја уништиле вашата ДНК, што би резултирало со некакви мутации кои би можеле да доведат и до создавање на рак (ако преживеете). Исто така, во Вселената е и екстремно ладно, но нема веднаш да се смрзнете затоа што вакуумот ќе направи топлината од вашето тело да се пренесува многу бавно.

Накратко, ќе отечете, изгорите, мутирате, ќе се онесвестите и вашите бели дробови може да експлодираат. Прекрасно. Но не грижете се, ако некогаш се најдете во ваква ситуација, најверојатно ќе имате добра минута или две за да ве спасат, па разведрете се.

Превод: Мартина Вељановска

Извор: IFLS

Сподели.