Шансите за создавање живот се зголемуваат кога ѕвезда што поминува предизвикува приближување на бинарните системи

0

Планетарните системи може да имаат сурови услови во текот на нивната рана историја. Младите светови кои орбитираат околу ѕвезда, многу често се изложени на судири. Поради сето ова, создавањето и одржувањето на живот на едно такво место е прилично тешко, но денес астрономите од Универзитетот од Шефилд пронајдоа и мала позитивност во ова. Модел создаден од студентот Бетани  Вутон и др. Ричард Паркер ни покажува како зоната погодна за живот – регионот околу ѕвезда каде температурата овозможува водата да постои во течна состојба – се менува околу пар ѕвезди уште познати и како бинарни системи.

Двајцата научници откриваат дека една таква средба со трета ѕвезда што поминува може да ги притисне ѕвездите од бинарниот систем поблиску една до друга, притоа проширувајќи ја зоната погодна за живот. Резултатите од ваквото истражување се објавени во Monthly Notices of the Royal Astronomical Society.

Зоната погодна за живот каде температурата не е премногу висока и не е премногу ниска, се смета дека е неопходна за развивање на живот на една планета. Ако една планета се наоѓа надвор од оваа зона, тогаш шансите за формирање на комплексните молекули за живот се многу мали.

Околу една третина од ѕвездените системи во нашата галаксија се смета дека вклучуваат две или повеќе ѕвезди. Ако овие ѕвезди се оддалечени премногу една од друга, тогаш зоната погодна за живот што се наоѓа околу ѕвездите е регулирана од радијацијата на секоја од ѕвездите поединечно. Доколку пак двете ѕвезди се поблиску една до друга, големината на зоната погодна за живот се зголемува бидејќи секоја од ѕвездите добива дополнителна топлина од другата, а ова ја зголемува веројатноста да една планета биде лоцирана на вистинското место за развивање на живот.

две сонца

Визуелен приказ на животот на една планета која орбитира околу две ѕвезди, видливи како две Сонца на небото. Заслуги: Марк Гарлик

Вутон и Паркер користеле компјутерска симулација за да претстават како всушност се случуваат интеракциите помеѓу младите ѕвезди во кластерите, притоа вршејќи пресметки како овие средби влијаат на бинарните парови. На пример, кога се работи за околу 350 бинарни системи, научниците открија дека 20 од нив ќе имаат ѕвезди притиснати многу блиску една до друга со што нивната зона погодна за живот ќе се рашири.

Вутон коментира дека: “Потрагата  за живот на други места во универзумот е едно од фундаменталните прашања во модерната наука и нам ни е потребен и најмал податок што ќе ни помогне во добивањето на одговор на истото.”

Дијаграм на две ѕвезди

Дијаграм на две ѕвезди во бинарен систем, пред и после средбата со трета ѕвезда што поминува. Ѕвездите се жолтата/портокаловата точка (жолтата е ѕвезда со големина на нашето Сонце, портокаловата е ѕвезда со маса половина од Сонцето) и зоните погодни за живот се прикажани со сина боја. “Тесната” зона погодна за живот е најпесимистичкото место каде што водата би можела да постои во течна форма, за разлика од сино-зелената која влева оптимизам за такво нешто. Заслуги: Ричард Паркер, Бетани Њутон, Универзитет Шефилд.

“Нашиот модел сугерира дека дека постојат многу повеќе бинарни системи каде што планетите се наоѓаат во зона погодна за живот што ги зголемува шансите за неговото постоење.”

Следните чекори поврзани со ова истражување се да се користат повеќе компјутерски модели со цел да се разбере дали негативните процеси низ кои што поминува една ѕвезда се надминати од страна на позитивните.

Превод: Христина Милошевска

Извор:phys.org

 

 

Сподели.