Ретка двојна ѕвезда набљудувана во последните моменти од животот

0

Пронајден е неверојатен ѕвезден систем, во кој две ѕвезди се толку блиску една со друга, што површините им се допираат. Ова е досега најтоплиот двоен систем виден досега и дава ретка шанса да се види нешто за кое се верува дека е кратка космичка случка.

Ретка двојна ѕвезда набљудувана во последните моменти на животот

Толку се блиску, што површините им се допираат. Заслуги: ESO/VLT

Системот е познат како VFTS 352, пронајден на оддалеченост од 160.000 светлински години во маглината Тарантула, со телескопот VLT на ESO. Двете од овие ѕвезди се скоро идентични во големина, со комбинирана маса 57 пати од онаа на Сонцето, што значи дека едната не зема материи од другата, туку дека најверојатно делат 30% од нивниот материјал. Ова доведе до создавање на „мост“ помеѓу нивните поврзани површини.

Двете ѕвезди од тип О, кои сјаат во сино-бела боја, имаат површински температури од 40.000 Целзиусови степени и орбитираат една околу друга за само еден Земјин ден. Двојни системи како овие може да се еден од главните извори на одредени елементи, како кислород, во Вселената.

Нивните центри се оддалечени само 12 милиони километри, па се претпоставува дека привлечните сили најверојатно придонесуваат мешање на материјата од нивната внатрешност. Според научниците, VTFS 352 е најдобриот случај на топол и масивен двоен систем кој покажува внатрешно мешање.

Она што следи во животниот тек на овие ѕвезди е уште поинтересно. Можно е за 600.000 години тие да се спојат во една ѕвезда, која ќе се врти екстремно брзо и ќе го заврши животниот тек по 4 милиони години во нешто познато како долготраен блесок на гама зраци, еден од најексплозивните настани во Универзумот.

Другата можност е двете да имаат одделени супернови за отприлика три милиони години и да формираат бинарен систем од црни дупки кои ќе орбитираат една околу друга. Ова ќе доведе до голем извор на гравитациски бранови.

Што и да се случи, овој систем се докажува како интересен увид на редок момент.

Превод: Јован Милосковски

Извор: IFL Science

Сподели.