Религиозни календари: Како се одредува католичкиот Велигден [VII дел]

0

Католички календар

Основа на католичкиот верски календар e Грегоријанскиот календар. Со него се служат сите католици и како таков (Грегоријанскиот календар) се користи за сите меѓународни потреби во светот. Сите светци што постојат во православниот календар до 1054 година (годината кога се случило разединувањето на црквата на источна и западна), постојат и во католичкиот календар. По овој период, постојат светци кои се признаени само од една од двете цркви.

заслуги: Jontts / Wikimedia

заслуги: Jontts / Wikimedia

За одредување на датумот кога ќе се слави Велигден во католичкиот календар се почитуваат следните услови: датумот да биде после пролетната рамноденица (21 март), во првиот ден недела по полната Месечина. Па така, во 2005 година Велигден се паѓа на 27 март (полната Месечина е на 25 март, петок). И во католичкиот календар празникот Спасово (Спасовден) се слави 40 дена по Велигден и тоа секогаш во четврток, а празникот Духови 10 дена по Спасово, или 50 дена по Велигден.

Велигденскиот пост, според католичкиот календар, започнува 32 дена пред празникот Велигден со празникот Пепелница, кој секогаш се паѓа во среда. Католичките пости се многу полиберални од православните. Се пости само за Велигден, и тоа 32 дена пред празникот. Велигденскиот пост се состои во тоа што не смее да се јаде само месо и сите месни продукти, додека дозволено е консумирање на јајца, млеко, сирење и останати немесни продукти. Се пости и секој петок, со тоа што повторно не смее да се јаде само месо и месни производи. Но, доколку некој сака да јаде месо и тој ден, тогаш мора да жртвува нешто друго, на пример да не пуши или да не пие алкохолни пијалоци и сл. Ова не важи за време на Велигденските пости.

Поголеми верски празници во католичкиот свет се:

  • 6 јануари – Богојавление;
  • првата недела после Богојавление – Крстење Исусово;
  • 19 март – Свети Јосиф;
  • 25 март – Благовест;
  • една недела пред Велигден – Цветница;
  • една недела по Духовден – Свето Тројство;
  • четири дена по Свето Тројство е празникот Тјелово;
  • во петок, две недели по Духови е празникот Пресвето срце Исусово;
  • 24 јуни – раѓање на Свети Јован Крстител;
  • 29 јуни – Петровден (Свети Петар и Павле);
  • 15 август – Голема Госпа (Голема Богородица);
  • 8 септември – Мала Госпа (Мала Богородица);
  • 14 септември – Свети Криж (Крстовден);
  • 29 септември – Свети Михаил Габриел и Рафаел;
  • 1 ноември – Сви Свети;
  • 2 ноември – Ден на мртвите;
  • 6 декември – Свети Никола;
  • 8 декември – Безгрешно зачнување на Блажена Марија;
  • 25 декември – Божиќ.

Во наредните години Велигден, според католичкиот календар, ќе се слави на следните датуми:

  • 2006 година – 16 април;
  • 2007 година – 8 април (се поклопува со православниот Велигден);
  • 2008 година – 23 март;
  • 2009 година – 12 април;
  • 2010 година – 4 април (се поклопува со православниот Велигден);
  • 2011 година – 24 април (се поклопува со православниот Велигден); итн.

Католичкиот Велигден не може да се слави пред 22 март или после 25 април, т.е. празникот секогаш се паѓа во некој ден помеѓу овие две датуми.

Исламски верски календар

Зборот „ислам“ потекнува од арапскиот збор islam, што значи мир, послушност и потчинетост. Исламскиот календар е лунарен календар. Како што можевте да прочитате во една од претходните статии, годината во исламскиот календар има 354 или 355 дена. Поради тоа што овој календар е пократок за 10, 11 или 12 дена од Грегоријанскиот календар (во зависност од тоа која е престапна, а која е проста година), доаѓа и до поместување на исламските религиозни празници. На пример, празникот Курбан Бајрам (10 Зул Xиџе 1425 година според Исламскиот календар) оваа година се славеше на 20 јануари според Грегоријанскиот календар. Следната, 2006 година, ќе се слави 10 дена порано, затоа што 1426 година според Исламскиот календар е престапна година, а 2006 е проста година според Грегоријанскиот календар. Истото се случува и со постот, кој започнува во месецот Рамазан.

Постот во исламскиот свет започнува со почетокот на месецот Рамазан, деветтиот месец во Исламскиот календар. Самиот пост е света должност на сите муслимани. Во овој месец сите муслимани се должни во периодот од изгревот на сонцето до неговото заоѓање да не јадат никаква храна, да не пијат пијалоци, да не консумираат цигари и да немаат лоши мисли, лоши желби и интимни односи.

Најважни исламски празници во годината се:

  • Курбан бајрам (10 Зул Хиџе 1425 година) – 20 јануари 2005;
  • Нова Хиџретска година (1 Мухарем 1426 година) – 10 февруари 2005;
  • Ашура (10 Мухарем 1426 година) – 19 февруари 2005;
  • Мевљуд (11/12 Ребиул 1426 година) – 20/21 април 2005;
  • Лејлетул Регаиб (6/7 Реџеп 1426 година) – 11/12 август 2005;
  • Лејлетул Мираџ (26/27 Реџеп 1426 година) – 31.08./01.09. 2005;
  • Лејлетул Берат (14/15 Шабан 1426 година) – 18/19 септември 2005;
  • Почеток на постот (1 Рамазан 1426 година) – 05 октомври 2005;
  • Денот на Бедер (17 Рамазан 1426 година) – 21 октомври 2005;
  • Ноќта на Кадер (26/27 Рамазан 1426 година) – 30/31 октомври 2005;
  • Фитер Бaјрам (Шевал 1426 година) – 3 ноември 2005;

Текст: Зоран Милчевски

Сподели.