Работите се навистина чудни во надворешниот дел од Сончевиот Систем и астрономите веруваат дека откриле зошто

0

Однесувањето на поголемиот дел од Сончевиот Систем лесно може да се предвиди, но во далечните области, подалеку од орбитата на Нептун и далеку од светлината на Сонцето, работите стануваат прилично чудни. Таму можете да најдете многу камења кои орбитираат околу Сонцето на начини сосема различни од предметите во близина.

Како резултат на оваа привидна поделба во Сончевиот Систем, ваквите темни, замрзнати тела се познати под името „откачени објекти“ и астрономите активно бараат објаснувања за нивното чудно однесување.

pl 9

Заслуги: Steven Burrows/JILA

До сега, најраспространетото објаснување би било хипотетичкото постоење на Планетата Девет – голема, неоткриена планета која орбитира на самиот раб од Сончевиот Систем. Се смета дека истата предизвикува гравитациски вознемирувања кај откачените објекти и ги втурнува во чудни орбити.

Но Планетата Девет не е единствената опција. Двајца астрофизичари веруваат дека можат да го понудат најдоброто објаснување до сега. Според нивните анализи, Планетата Девет не влијае врз чудните орбити. Туку, се работи за колективното гравитациско влијание на самите откачени објекти кое предизвикува нестабилност и ги менува орбитите низ период од милиони години.

„Оваа област од вселената е многу поблиска од сите ѕвезди во нашата галаксија кои со леснотија ги набљудуваме, а сепак малку знаеме за истата,“ објаснува астрофизичарката Ен-Мари Медиген од Универзитетот во Булдер, Колорадо.

„Ние сме првиот тим кој успеа да ги репродуцира сите чудни орбитални аномалии кој научниците ги гледаа низ годините.“

Иако не можеме лесно да гледаме подалеку од орбитата на Нептун бидејќи под толку слабо осветлување е тешко да видиме нешто што е оддалечено на само неколку стотици километри од нас, сепак постојат докази дека се работи за прилично пополнета област.

Тука не станува збор за Кујперовиот Појас кој почнува малку подалеку од орбитата на Нептун на околу 30 астрономски единици и се протега сѐ до најдалечната точка од орбитата на Плутон што е околу 55 астрономски единици. Поголемиот дел од однесувањето на објектите од Кујперовиот Појас лесно се објаснува.

Откачените објекти се уште подалеку. Како пример можеме да го земеме Лелакухонуа кој орбитира на растојание од 65 астрономски единици во својот перихелион (најблиската точка од својата орбита до Сонцето), па се до 2 106 астрономски единици во афелион. Или Седна кој орбитира помеѓу 76 и 937 астрономски единици. ФарФарАут е откриен на растојание од 140 астрономски единици.

Но, покрај огромното растојание, орбитите на овие објекти не се едноставни и средени. Вообичаено, тие се елиптични и орбитираат под агол со (повеќе или помалку) израмнетата рамнина на Сончевиот Систем. Овие две својства се познати како ексцентричност и наклонетост. Понекогаш, објектите изгледаат како да се подредени што може да значи дека причината за ова е еден поттикнувач.

За да објаснат што се случува, Медиген и нејзиниот колега, астрофизичарот Александар Здерик од Универзитетот во Булдер, Колорадо, спроведоа низа симулации на далечниот Сончев Систем користејќи ја моќта на суперкомпјутерите за обемните пресметки кои произлегуваат од колективните и индивидуалните маси на објектите од надворешниот Сончев Систем.

Ова не е многу различно од истражувањето спроведено и објавено во 2018-та година, но новите симулации се пореалистични.

„Измоделиравме нешто што можеби постоело претходно во надворешниот Сончев Систем. Исто така, го земавме во предвид и гравитациското влијание на џиновските планети како Јупитер,“ вели Здерик.

Симулациите се однесува на областа помеѓу 100 и 1 000 астрономски единици. Беа извршени со различни конфигурации и поголем опсег на маси, почнувајќи со уредни орбити околу Сонцето.

Откачените објекти не остануваа многу долго во предвидливи орбити, посебно со нивната зголемена колективна маса. Како што поминуваше времето во симулациите, објектите почнаа да си влијаат меѓу себе, да се буткаат, привлекуваат и драстично да ја променат својата очекувана траекторија.

На крајот од симулациите може да се забележи дека орбитите се слични со орбитите на откачените објекти кои ги набљудуваме.

„Беа потребни објекти чија колективна маса изнесува околу 20 Земјени маси,“ вели Медиген. „Теоретски, ова е возможно, но е нешто што дефинитивно се побива со сегашните верувања на луѓето.“

Исто така, вкупната маса е поголема од онаа на Планетата Девет. Како и да е, резултатот е силен конкурент на теоријата за Планетата Девет, посебно поради тоа што Медиген, Здерик и нивните колеги не се единствениот тим кој укажува кон можноста дека еден куп камења се одговорот кој го бараме.

Дополнително, две посебни истражувања идентификуваа нови јата со откачени објекти и нивните податоци беа вклучени во симулациите. Не постојат докази за привидната подреденост да произлегува од Планетата Девет.

Но веројатно ќе мора да почекаме сѐ додека подобрите инструменти не ја исклучат едната или другата можност.

„Голем дел од неодамнешните откритија за надворешниот Сончев Систем се благодарение на технолошките напредоци,“ вели Здерик. „Навистина е потребна најновата генерација на телескопи за да ги набљудуваме овие тела.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.