Астрономите ја направија првата слика од планети околу ѕвезда како Сонцето

0

На оддалеченост од само 300 светлосни години се наоѓа ѕвезда која многу наликува на Сонцето кога било млада ѕвезда, со повеќе егзопланети кои орбитираат околу истата. Ова само по себе ја прави оваа ѕвезда едно интересно откритие. Но она што ја издвојува оваа ѕвезда од другите е тоа што истата стана првата ѕвезда од овој тип која е директно сликана заедно со егзопланетите.

egzo

Заслуги: ESO/Bohn et al.

Ноќта на 16-ти февруари 2020 година, користејќи го Многу Големиот Телескоп (анг. Very Large Telescope – VLT), астрономите успеаја да направат директни набљудувања на две егзопланети со екстремно големи орбити околу ѕвездата наречена TYC 8998-760-1.

Директното сликање на егзопланети, во најмала рака, огромен предизвик. Тие се многу малку осветлени во споредба со ѕвездата околу која орбитираат и истовремено се многу далеку. Повеќето од 4000-те откриени егзопланети се детектирани преку индиректни методи како што се периодичните падови на осветленоста на некоја ѕвезда кои се јавуваат кога некоја егзопланета ќе помине пред истата или пак периодичното поместување и тресење на ѕвездата предизвикано од гравитацијата на егзопланета.

Поради тоа што овие методи се најефикасни кога се работи за големи егзопланети блиски до ѕвездата, поголемиот дел од познатите егзопланети се големи и се наоѓаат на кратки орбити. Но тешко е директно да се сликаат ваквите егзопланети, бидејќи ѕвездата-домаќин е многу посветла, а планетите на поголемите орбити обично се премногу ладни за да емитираат инфрацрвено електромагнетно зрачење.

Сѐ до неодамна, само неколку десетици егзопланети беа директно сликани и само два други мулти-планетарни системи околу ѕвезди многу поразлични од Сонцето.

Но минатата година, користејќи директно сликање, тим од астрономи предводени од Александар Бон од Универзитетот Леиден во Холандија пронајдоа невообичаена планета околу ѕвездата TYC 8998-760-1.

Се работи за гасен џин 14 пати помасивен од Јупитер, кој орбитира околу ѕвезда на растојание од околу 160 астрономски единици. За споредба, Плутон орбитира околу Сонцето на просечно растојание од 39 астрономски единици.

Па Бон и неговите колеги одлучиле детално да го истражат ова откритие користејќи го инструментот SPHERE од VLT. Комплементарно на податоците од 2017 година, тие направиле дополнителни набљудувања во текот на минатата година.

Кога ги анализирале податоците, тие биле пријатно изненадени. Јасно се гледала егзопланетата која ја очекувале TYC 8998-760-1 b. Но на уште поголема оддалеченост од 320 астрономски единици, тие забележале уште една светла точка.

По внимателна и подетална анализа со споредување на сликите сликани во различни времиња, утврдено е дека не се работи за друга ѕвезда или грешка во сликите, туку за уште една егзопланета со маса од околу 6 пати од онаа на Јупитер.

„Нашиот тим ја направи првата слика на два гасни џинови ко орбитираат околу една млада ѕвезда, аналогно на сончевиот систем,“ вели астрономот Мадалена Регијани од Лувен, Белгија.

Ваквите слики не се само прекрасни достигнувања во областа на науката и технологијата, туку тие и ни помагаат подобро да ги разбереме планетарните системи.

Како прво, TYC 8998-760-1 е млада ѕвезда од само 16,7 милиони години. Проучувањето на егзопланетите кои орбитираат околу млада ѕвезда слична на Сонцето може да ни каже многу вредни информации за формирањето на планетарните системи како нашиот.

Големините на орбитите кои ги детектираше тимот се навистина интересни, бидејќи постои модел за формирање на планетарни системи во кој џиновските гасовити планети се формираат на големо растојание од ѕвездата и потоа мигрираат кон внатрешноста, поблизу до нивната ѕвезда-домаќин.

Од друга страна, директното сликање на егзопланети ни помага и во потрагата по населивост. Деталните спектроскопски слики (разложување на спектарот на светлината која се рефлектира од егзопланетите) може да ни каже дали има атмосфера и кој е составот на истата. Преку фотометријата како наука за осветленоста и промена во осветленоста на егзопланетите, можеме да откриеме информации за тоа дали има облаци или не.

Но сепак сѐ уште не сме стигнати до тој степен. Но идните инструменти како Телескопот Џејмс Веб и земјениот Екстремно голем телескоп на Европската Јужна Обсерваторија треба да бидат доволно осетливи за да ги измерат горенаведените својства.

Уште повеќе, тие можеби ќе најдат и помали егзопланети, поблизу до ѕвездата кои инструментот SPHERE не е во можност да ги детектира.

„Веројатноста дека идните инструменти како оние во Екстремно Големиот Телескоп, ќе можат да детектираат и епксопланети со помала маса околу оваа ѕвезда. Ова е важен чекор во разбирањето на мулти-планетарните системи кој ќе влијае врз разбирањето на историјата на нашиот Сончев Систем.“ вели Бон.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com/

Сподели.