Њутновиот закон не егзактен, тој не е во состојба точно да го опише движењето на сите тела во природата. Овој закон, во текот на историјата, бил повеќе пати проверуван. Првото сомневање во точноста на законот било поврзано со движењето на сателитите на Јупитер. Со прецизно набљудување на движењето на сателитите било забележено дека, тие понекогаш избрзуваат за 8 минути, а понекогаш каснат за 8 минути од времето пресметано со помош на законот за гравитација. Данскиот астромом Олаус Ремер (1644-1710), со полна верба во законот за гравитација, дал одговор на ваквото движење на сателитите. Тој дошол до заклучок дека светлината не се шири моментално и дека е потребно некое време за да таа го помине патот од јупитеровите сателити до Земјата. Тоа значи дека, тоа што ние гледаме кога ги набљудуваме сателитите не е тоа како што изгледаат тие во тој момент, туку како изгледале пред некое време потребно да светлината стигне до нас. Ремер ги извршил потребните поправки за времето и од пресметките успеал да ја пресмета брзината на светлината. Ова било доказ дека Њутновиот закон е точен, а воедно било покажано дека светлината не се шири моментално. Друг проблем кој се појавил и кој барал повторна проверка на законот за гравитација бил следниот: планетите, во стварност, не се движат по кеплерови елипси, бидејќи согласно законот за гравитација, тие не се привлечени само од Сонцето туку се привлекуваат и меѓу себе. Од големите планети, во тоа време, биле познати Јупитер, Сатурн и Уран и за нив биле направени пресметки колкави се отстапувањата на патеките од идеалните Кеплерови елипси поради нивното меѓусебно привлекување. При тоа, било добиено дека планетите Јупитер и Сатурн се движат во согласност со пресметките добиени со законот за гравитација, но дека движењето на планетата Уран доста отстапува од пресметката. Астрономите Адамс и Леверије кои истите пресметки ги направиле независно и скоро во исто време, повторно со голема верба во законот за гравитација, претпоставиле дека причината за ваквото движење на Уран сигурно лежи во постоењето на некоја непозната планета во неговата близина. И навистина, таму била пронајдена нова планета, а тоа е планетата Нептун.
Во почетокот на дваесетиот век било познато дека постои многу мало разидување помеѓу вистинското и пресметаното движење на Меркур ако се земе во предвид влијанието на сите други планети. За да се објасни ова отстапување биле предлагани некои модификации на законот за гравитација. Прво, било претпоставено дека показателот на степенот во законот за гравитација не е 2 туку 2,00000016. Лаплас пак, претпоставил дека гравитацијата се придушува во меѓупланетарната средина. Овие теории, предложени со цел да го објаснат движењето на планетата Меркур, не можеле да бидат проверени.