Астрономи најдоа ултрамасивна галаксија од раниот универзум која ненадејно згаснала

0

Астрономи открија масивна галаксија кој предизвикува немири во раниот универзум.

Кога универзумот имал само 1,8 милијарда години, галаксијата ХММ-2599 веќе била огромна. Но, била и мртва како трупец.

Некаде по Големата експлозија (пред 13,8 милијарди години) и пред 12 милијарди години, галаксијата се раширила во изблик на нови ѕвезди – и потоа целосно запрела.

„Дури и пред универзумот да наполни 2 милијарди години, ХММ-2599 имала формирано маса од повеќе од 300 милијарди сонца, со што станала ултрамасивна галаксија,“ вели физичарот и астроном Бенџамин Форест од Универзитетот на Калифорнија, Риверсајд.

galaksija

Заслуги: (NRAO/AUI/NSF/B. Saxton; NASA/ESA/R. Foley; NASA/StScI)

„Позначително, покажавме дека ХММ-2599 ги формирала повеќето нејзини ѕвезди на трчаница кога универзумот имал помалку од милијарда години, и после згаснала додека универзумот наполнил 1,8 милијарда години.

Долго време астрономите мислеа дека џиновски галаксии не можат да се формираат во раниот универзум. Како што напредна технологијата, и како што се подобривме во гледање во таквите далечни предели на времепросторот, тие претпоставки беа разнишани.

Излегува дека универзумот изобилувал со масивни нешта кои, според нашите космолошки модели, не би имале време да пораснат. Нумерички модели сега можат да оправдаат масивни галаксии како ХММ-2599.

Но нешто што пораснало толку многу толку брзо и после наеднаш прекинало да расте? Тоа е чудно на сосема друг начин.

ХММ-2599 не е првата ваква галаксија. Пред неколку години астрономи најдоа масивна галаксија наречена ZF-COSMOS-20115 која експлодирала со живот, и потоа ненајдено згаснала додека универзумот да наполни 1,7 милијарди години. Но ZF-COSMOS-20115 имала маса од „само“ 170 милијарди сончеви маси – одвај половина од масата на XMM-2599.

„Во оваа ера, многу малку галаксии престанале да создаваат ѕвезди, ниедна голема колку ХММ-2599,“ рече физичарот и астроном Џилиан Вилсон од УК Риверсајд.

„Самото постоење на ултрамасивни галаксии од видот на ХММ-2599 е голем предизвик за нумеричките модели. Иако таквите масивни галаксии се многу ретки во оваа ера моделите ги предвидуваат. Сепак, се очекува предвидените галаксии активно да формираат ѕвезди.“

„ХММ-2599 е толку интересна, невообичаена и изненадувачка бидејќи веќе не формира ѕвезди, можеби бидејќи престанала да добива гориво или бидејќи нејзината црна дупка почнала да се вклучува. Нашите резултати бараат да се смени како моделите го гасат создавањето на нови ѕвезди во раните галаксии.“

Врз основа на спектроскопски набљудувања врз галаксијата, истражувачкиот тим успеа да ја склопи историјата на создавање ѕвезди на ХММ-2599. За да стане толку огромна, би требало да формира ѕвезди со брзина од 1000 сончеви маси годишно во тек на 500 милиони години, во екот на нејзината ѕвездоформирачка активност.

За споредба, брзината на ѕвездена формација на Млечниот пат моментално е околу три до четири сончеви маси годишно.

Иако голема, највисоката брзина на создавање на ѕвезди на ХММ-2599 не е единствена во нејзиниот временски период. Во 2008, галаксија наречена EQ J100054+023435 била фатена исфрлајќи ѕвезди со брзина од над 1000 сончеви маси годишно, пред 12,2 милијарди години. Но, како и ZF-COSMOS-20115, таа била многу помалку масивна од ХММ-2599, со само 10 милијарди сончеви маси. И не била згасната.

Во последните неколку години, софтверот за симулации значително се има подобрено, и може да оправда екстремна формација на ѕвезди во раниот универзум. Но тој сеуште не може да произведе околности кои даваат згаснати масивни галаксии – нешто што можеме да го забележиме со ZF-COSMOS-20115 и XMM-2599.

Така што има многу прашања за ХММ-2599. Дали е создадена од неколку помали галаксии? Што ја згаснало?

И во што има еволуирано во 12те милијарди години откако нејзината светлина го започнала нејзиното долго патешествие низ универзумот? Дали останала мртва? Дали се вратила во живот, како Млечниот пат? Или можеби нешто друго се случило?

„Ја фативме ХММ-2599 во нејзината деактивирана фаза,“ рече Вилсон.

„Не знаеме во што би можела да се претвори до денес. Знаеме дека не може да изгуби маса. Едно интересно прашање е што се случува околу неа. Како што поминува времето, дали би можела да привлече блиски галаксии кои можат да формираат ѕвезди со нејзината гравитација и со тоа да стане светол град од галаксии?“

Вселената е навистина чудесна.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: sciencealert.com

Сподели.