Приказна за вулкански пекол во длабочините на Вселената

0

Низ годините потрага по егзопланети, откриени се многу интересни светови. Некои од нив личат на нашата Земја, други орбитираат околу две ѕвезди, трети импресионираат со своите димензии… Овде ќе зборуваме на можеби најчудната досега – CoRoT-7b. Овој свет е покриен со океан од лава, прошаран со катаклизмичен вулканизам, а атмосферата му е сочинета од пареа од карпа (поради екстремната топлина која владее на неа ). Тоа е пекол во внатрешноста на Универзумот.

Ио е, без дилема, вулканскиот крал во нашиот Сончев Систем. Неговата внатрешна топлина се создава од механизам нарекуван „топлина во приливи“. Огромната гравитација на Јупитер, засилена со таа на Ганимед и Калисто, ја раскинува внатрешноста на Ио претворајќи го цврстиот камен во течна магма која спектакуларно еруптира на површината. Потпомогнато со многу нискиот атмосферски притисок се создаваат облаци кои достигнуваат до 500 километри височина, тоа се повеќе од шест Монт Еверести наредени еден над друг…

Приказна за вулканскиот пекол во длабочините на Вселената

Вулканска ерупција на Ио. Заслуги: NASA/JPL

Но, CoRoT-7b го засрамува Ио. Тој во суштина претставува остаток од гасовит џин, некогаш огромна планета, пред да биде разнесена од радијацијата на матичната ѕвезда. Сега тоа е еден бизарен свет од деструктивни вулкани, огромни температурни разлики и постојано течна лава, кој се наоѓа во соѕвездието Еднорог (Monoceros).

Песна од оган и мраз

CoRoT-7b го добила името по телескопот на француската вселенска станица која го пронашла. Орбитира околу ѕвезда која е 480 светлински години оддалечена од Земјата. Таа е пет пати потешка и околу двојно поголема од нашата планета, и има карпеста површина. Но, се чини дека тука завршуваат сите сличности…

Како прво, огромната гравитациска сила од нејзината матична ѕвезда влијаела на нејзината ротација. Таа завртува околу својата оска за истото време кое ѝ е потребно да заврти околу својата ѕвезда. Поради тоа секогаш истата страна е свртена кон ѕвездата, феномен кој важи и за нашата Месечина.

Од оваа причина, температурата на страната која е во сенка изнесува -210°C иако се наоѓа 23 пати поблиску до својата ѕвезда (жолто џуџе) отколку Меркур до нашето Сонце. Во однос пак на Земјата, оваа планета е 60 пати поблиску, па матичната ѕвезда таму изгледа 360 пати поголема од Сонцето на нашата планета. На другата страна пак, температурата е над  2.200°C, што е доволно за карпите на бидат во гасовита состојба. Течната состојба се прескокнува, тие директно испаруваат.

Сосема е можно да има и облаци и да врне дожд баш како и на Земјата. Само што, овде нема да паѓаат капки кондензирана вода, туку кондензирани карпи, бидејќи атмосферата на CoRoT-7b се состои од испарен камен.

Дух од планета

Огромното загревање на површината на планетата предизвикува многу брзо испарување, до таа мера што научниците сметаат дека атмосферата би можела сосема да исчезне. Спроведена е студија за губењето на маса на планетата и добиен е интригантен резултат. Оваа планета во времето на нејзиното создавање имала тежина поголема од 100 Земји собрани заедно и орбитирала на 50 пати поголемо растојание од нејзината ѕвезда. Оттаму се поставува прашањето : „Дали оваа планета некогаш била гасовит џин?“

Моментално многу студии покажуваат дека гасовитите џинови имаат тенденција да се „стркалаат“ накај нивната матична ѕвезда брзо по нивното формирање, патем збришувајќи ги планетите кои ќе се најдат на патот. Единствената причина зошто ова не се случило со нашиот Сончев Систем е затоа што Сатурн се формирал веднаш зад Јупитер и со неговото силно гравитациско поле го запрел неговото мигрирање.

Гасовитите џинови кои ја доживуваат оваа судбина, ја губат целата атмосфера во процесот на мигрирање. CoRoT-7b можеби доживеал една таква таа судбина, па сега е само остаток од некогаш масивен гасовит џин – дух на некогаш моќна планета.

Застрашувачки е фактот дека дури и да се работело за карпеста планета, нејзината маса сепак ќе се изгубела во процесот на мигрирање кон ѕвездата, поради екстремните температури на нејзината површина.

Вулкан од кошмарите

Но, бизарната историја на CoRot-7b не е најинтересната работа кај неа. Истиот механизам со приливи на топлина како на Ио може да е активен и тука. Две планети ја узурпираат планетата, раскинувајќи ја нејзината внатрешност и генерирајќи огромна топлина која се ослободува во Вселената во вид на вулкански ерупции. На страната која е постојано свртена кон ѕвездата има силна вулканска активност, но ниту на темната страна не е мирно.Чудно, но тоа значи дека секоја ноќна ерупција ќе лансира стопен материјал во ледено студената околина, па тој брзо ќе се излади и ќе падне назад во некој вид на вулкански снег.

Како и да е, планетарните научници и вулканонозите сметаат дека џиновската карпа може да биде дом на понасилни вулкански ерупции од оние на Ио. Тоа ќе води до создавање нов вид егзопланети – Супер Ио планети.

И во нашиот Сончев Систем имаме неколку чудни вулкани. Тоа важи за криовулканите на Енцелад, каде има вода наместо магма, а мраз наместо карпа. Вулканизмот на Венера создава т.н. колосални палачинки, но… не од оние кои се за јадење.  Течната лава која излегува од кратерот е компримирана од екстремните атмосферски притисоци и раширена до огромни димензии, баш како палачинка.

CoRoT-7b е дефинитивно почуден од сите нив, тоа е пеколен свет во длабочините на Вселената.

Извор: IFL Science

Превод: Милан Велков

Сподели.