На 15 август 1977 астрономот Џери Ехман (Jerry R. Ehman) додека ги разгледувал податоците добиени од Big Ear радиотелескопот кој се користел за потрага по вонземски живот, забележал интересна аномалија во облик на теснопојасен сигнал. Бил многу импресиониран од резултатот и го заокружил отчитувањето на интензитетот на сигналот додавајќи го зборот Wow! веднаш до него. Од таму и познатиот сигнал го добил своето име. Сигналот доаѓа од соѕвездието Стрелец и има белези на вонземјанско потекло. Од тогаш па до денес овој сигнал бил мистерија за научниците.
Но, по се изгледа, овој сигнал не потекнува од некоја вонземска цивилизација туку е производ од водороден облак и неутронска ѕвезда.
Нова истражувачка хипотеза предвидува дека ваков објект под правите околности може да емитира сигнал исто како Wow! сигналот.
Истражувањето е достапно на arXiv и сè уште подлежи на ревизии, но заклучоците до сега се базираат на новооткриени слични сигнали. Тимот на истражувачи е предводен од астробиологот Abel Méndez од Универзитетот во Пуерто Рико.
Wow! сигналот нема модулации кои можат да се декодираат, статичен е што значи не е од некој близок астероид и не се повторил на начин на кој би се повторувале намерните трансмисии. Сето ова кажува дека најверојатно сигналот не е поздрав од некоја вонземјанска цивилизација. Па така истражувачкиот тим се обидува да најде докази дека сигналот има природно потекло. Поточно, тие барале кратки емисии на теснопојасни радиобранови слични по фреквенција на Wow! сигналот во архивираните податоци од проектот „Радио емисии од Црвените џуџести ѕвезди“ (REDS) на сега веќе пензионираната опсерваторија Аресибо.
Тие пронашле четири записи достојни за понатамошна истрага, кои доаѓаат од близина на мало црвено џуџе по име Тигарденова ѕвезда (Teegarden’s Star) на само 12,5 светлосни години од нас. Иако послаби од Wow! сигнал, тие се доволно слични за да можат да дадат индикации за потеклото на познатиот сигнал. Според анализата на тимот, овие сигнали се поврзани со меѓуѕвездени облаци од ладен водород. Ова укажува на потенцијален механизам за добивање на Wow! сигналот: моќна радијација кој патува низ облак од ладен водород, стимулирајќи го гасот да произведе моќен пулс на радијација блиску до 1420 MHz. Крајниот производ би бил природен, астрофизички микробранов ласер или масер, обезбедувајќи интензивна концентрација на теснопојасна светлина на водородната линија која би изгледала како Wow! сигнал од далеку.
Црвените џуџиња не се способни да произведат одблесок кој би бил моќен како тој на Wow! сигналот, но постојат други космички објекти, како неутронски ѕвезди кои би можеле. Според моделот на тимот истражувачи одблесокот од една неутронска ѕвезда (магнетари или гама репитери) кога ќе помине низ хидроген ќе резултира во сигнал како Wow.
Оваа хипотеза дава многу убаво објаснување за потеклото на Wow! сигналот. Ваква конкатанација на објекти и настани е многу ретка, а уште поретко е истата да биде насочена кон нас. Па не само што хипотезата го објаснува потеклото на Wow сигналот, објаснува и зошто до сега сме детектирале само еден ваков сигнал.
Сања Павлова
Извор: www.sciencealert.com