Астрономите штотуку идентификуваа уште една важна карактеристика на планетите кои поддржуваат живот

0

Денеска сите сме добро запознаени со концептот на населива или Златокоса зона. Тоа е растојанието до една ѕвезда при кое е возможно да има течна вода на површината од некоја планета која орбитира околу таа ѕвезда. Односно, ниту преблиску за водата да испари, ниту пак предалеку за истата да замрзне.

Заслуги: Mark Garlick/Science Photo Library/Getty Images

Ова е важен аспект бидејќи сметаме дека течната вода е витална состојка за животот. Но и не е единствениот критериум по кој проценуваме дали една планета поддржува живот или не. Според новото истражување засновано врз податоци од неколку децении, постојат и така наречени Златокоса ѕвезди.

Ѕвездите што ги гледаме се многу различни меѓу себе. Ѕвездите како младите, разгорени, сини ѕвезди од OB тип се екстремно топли и светли. Од друга страна, постојат и црвени џуџиња од M тип кои се одликуваат со релативно ниска температура. Иако ваквата температура е поволна за живот, истата би резултирала со населива зона близу до ѕвездата која настојува да биде турбулентна и да исфрла моќни пламени јазици наоколу.

Нашето Сонце е сместено некаде помеѓу овие два екстремни типа. Се класифицира како жолто џуџе, односно ѕвезда од G тип. Но и покрај тоа што Сончевиот Систем поддржува живот, Сонцето не е Златокоса ѕвезда.

Според астрономите од Универзитетот Велинова, најпогодните ѕвезди за живот се оние кои се на еден чекор од Сонцето кон црвените џуџиња на Херцспрун-Раселовата скала за класифицирање на ѕвезди. Тоа се ѕвездите од тип K – портокалови ѕвезди кои се за нијанса поладни од Сонцето и истовремено за нијанса потопли од црвените џуџиња.

„K џуџињата се одликуваат со совршениот компромис. Имаат својства некаде на средина помеѓу својствата на поретките и посветлите G ѕвезди со пократок животен век и црвените џуџиња (M ѕвезди), присутни во поголем број низ Универзумот,“ објаснува Астрофизичарот Едвард Гајан од Виланова.

„K ѕвездите, посебно оние потоплите, ги имаат најдобрите светови. Па ако барате населиви планети, изобилството на K ѕвезди само ви ги зголемува шансите да сретнете живот.“

Астрономот Скот Енгл од Универзитетот Виланова, заедно со своите колеги, го презентираше нивното истражување на 235-тиот состанок на Американското Астрономско Друштво.

Сепак, астрономите не се во потрага по резервна Земја. Дури и ја да пронајдеме планетата Земја 2.0, едноставно не би имале технологија за да стигнеме до таму.

Потрагата по населиви планети е тесно поврзана со потрагата за живот некаде на друго место низ Универзумот, но и за следниот чекор, а тоа е потрагата по интелигентен живот. Дали животот е вообичаена појава или пак Земјата не е ништо повеќе од еден чуден феномен? Одредувањето на можните места каде може да настане животот само ни помага во оваа потрага.

Гајан, Енгл и другите истражувачи надгледуваа голем број на ѕвезди од типот F па се до типот G низ ултравиолетовиот спектар и X зраците во последните 30 години како дел од програмата „Сонце Навреме“ и надгледуваа џуџиња од типот M во изминатите 10 години како дел од програмата „Живеење со Црвено Џуџе.“

Овие две програми дадоа огромен придонес при проценката на влијанието од ултравиолетовите и X(икс) електромагнетните бранови кои доаѓаат од некоја ѕвезда врз потенцијалната населивост на планетите.

Неодамна, тие го проширија своето поле на истражување, вклучувајќи ги и податоците за ѕвездите од K тип. Истражувањето го нарекоа „Живеење со Населиви K-џуџиња“ и навистина истражувањето покажува дека овие ѕвезди нудат најпогодни услови за живот.

И покрај тоа што населивата зона на K-ѕвездите е помала, тие се значително почести од G-ѕвездите и имаат подолг животен век. На растојание не повеќе од 100 светлосни години од Сончевиот Систем, постојат околу 1000 K-ѕвезди.

Заслуги: NASA/ESA/Z. Levy/STScI

Сонцето има околу 4,6 милијарди години, а неговиот животен век е околу 10 милијрди години. Знаеме дека сложените живи организми се појавиле пред околу 500 милиони години и научниците веруваат дека за околу еден милијарда години Земјата ќе биде непогодна за живот поради Сонцето кое ќе се прошири и ќе ја премести населивата зона подалеку.

Црвените џуџиња се почести, меѓутоа тие се поактивни и просторот околу нив го исполнуваат со интензивна радијација и моќни ѕвездени блесоци кои можат негативно да влијаат врз атмосферата и течната вода на планетите во непосредна близина.

Од друга страна, K-ѕвездите имаат животен век кој изнесува помеѓу 25 и 80 милијарди години, што овозможува поголем временски интервал за да настане живот во споредба со ѕвездите од тип G. Според податоците на тимот од научници, тие се и многу посмирени од црвените џуџиња.

Уште повеќе, веќе познаваме K-ѕвезди околу кои и има планети – конкретно Кеплер-442, Тау Сети и Ипсилон Еридани.

„Да забележиме дека околу ѕвездата Кеплер-442 (спектарска класификација, K5) орбитира една од најнаселивите планети – Кеплер-442б. Се работи за карпеста планета која има малку повеќе од двојната маса на Земјата.“ изјави Гајан.

„Значи системот Кеплер-442 е населив и содржи населива планета.“

Секако, потрагата за живот е многу покомплицирана. На пример, доколку планетата има значително елиптична орбита, истата би можела да резултира со температурни екстреми поради кои планетата не би била населива.

Исто така, локациите на другите планети во системот можат да влијаат врз населивоста на планетата. Дури постои и можност дека целата галаксија си има своја населива зона, а доколку постои оваа галактичка населива зона, знаеме дека ние припаѓаме во истата, па добар почеток би било гледањето во непосредна близина.

Но ова истражување претставува дел од сложувалката која може да ја направи потрагата по животната игла во вселенскиот куп сено полесна.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: www.sciencealert.com

Сподели.