Поради што Сонцето се шири и смалува, не сме сигурни

0
заслуги Наса Годдард/СДО

Сонцето и неколку од неговите магнетни силови линии кои го поклопуваат одозгора.

Вистина е дека нашата матична ѕвезда е просечна во споредба со сите други ѕвезди кои ги знаеме во длабоката и убава темнина на Вселената. Сепак тоа е се уште еден мал возбудлив нуклеарен реактор, произведувајќи псевдоторнада и Сончеви ветрови, и испраќајќи сложени млазови на Сончева плазма во просторот.

Новото истражување забележано од е-списанието Нов научник додава уште еден значајен пламен што го разгорува огнот на се-возможното. Според новата статија во Списите за Астрофизика, Сонцето расте и се намалува на секои 11 години за 1 до 2 km (0,6 до 1,2 милји). Народски, би можело да се рече дека тоа дише, иако многу споро.

Овие километри го зголемуваат радиусот на Сонцето за само 0,00029 проценти максимум, што сепак претставува многу слабо вдишување и издишување. Имајќи го тоа предвид, неверојатно е што тимот од Институтот за технологија на Њу Џерси и Универзитот Азурен брег воопшто и успеале да ја забележат оваа промена. Па, како знаеле?

Преку неколку скорашни истражувања, тимот забележал дека потоците со плазма бегаат и се враќаат на соларната површина во вид на високо енергетски јонизирани нишки гас.
Се испостави дека фреквенциите на плазма брановите кои што поминуваат околу ѕвездата не се толку различни од звучните бранови прозиведени од страна на музички инструмент.

Да речеме, дека имате саксофон затоа што сакате малку џез (или чочек). Ќе отсвирирте нота,и ќе излезе звук значи се е добро. Сега, ако цевката на саксофонот одеднаш се прошири нанадвор, висината на тонот на таа нота ќе се намали. Ако го стиснете целиот навнатре, тонот ќе биде повисок. Во таа смисла, Сонцето повеќе наликува на магичен саксофон. Фреквенциите на плазма бранови се менуваат зависно од големината на Сонцето и ова прецизно може да го мерат научниците на Земјата. Сепак, не беше лесно. требаа набљудувања од 21 година со користење на два посебни вселенски телескопи на НАСА да се направи возможно ова откритие .

Некои со око-соколово помеѓу вас, заинтересирани за науката за Сонцето, можеби веќе погодија со што е поврзано сончевото „дишење“,и, сосем сте во право: има врска со Сончевиот циклус. На секои 11 години, Сонцето се движи од бурен Сончев максимум до спокоен Сончев минимум. Во максимумот, почесто се појавуваат Сончевите дамки – потемни области со јака магнетска активност што се собираат во јата веднаш над и под екваторот.

Колку повеќе Сончеви дамки толку поголема можност од појава на Сончеви бури (последната голема е од 23 јули 2012), што би можело да значи било што почнувајќи од посветла аурора во нашето небо до електричен дефект во инфраструктурата. За време на минимумот, Сончевите дамки се реткост. Оваа активност е управувана од магнетската активност што се одвива длабоко закопана во Сонцето. Плазма брановите што беа следени од тимот исто така пливаат под површината на Сонцето, во ред на големина од неколку милиони метри, значи блиску до големината на радиусот на Земјата.

Сонцето се шири за време на минимумот и се намалува за време на максимумот. Иако тимот забележал дека моментално „нема теорија“ која што ги поврзува овие поместувања со промените во внатрешните магнетски механизми на Сонцето, тие предлагаат дека е поврзано со промената во ориентацијата на магнетните полиња коишто се случуваат за време на циклусот.

Полето на истражување е познато по неговото екстремно кул име, хелиосеизмологија – кое што е еквивалентно со терестријалната сеизмологија – како слушањето на потресите на процепите и вулканите – но во Вселената. Во случај да се прашувате: не, оваа неверојатна мала промена во Соларните димензии нема влијание врз климата на Земјата. Ние се уште треба да се справуваме со антропогените промени во климата.

Превод: Анастасија Младеновска
Извор: IFLScience

Сподели.