На космодромот Восточни (во превод – Источен), покрај постоечката лансирна рампа за ракетата – носач „Сојуз – 2“, планирани се уште два стартни комплекси – еден за ракета од семејството „Ангара“, а другиот за супер-тешка ракета. Русија има намера етапно пред 2025 година да гo префрли најголемиот број лансирања од Бајконур на новиот космодром.
Прелиминарната работа на локацијата на втората лансирна рампа на Восточни – за ракетата-носач „Ангара“ веќе започнаа. Наскоро ќе биде распишан договор за нејзина изградба. Новата рампа треба да биде завршена во 2018 година. Три години подоцна од неа ќе биде лансиран новиот руски космички брод „Федерација“, прво без екипаж, а потоа во 2023 година и со космонаути. Лансирања на космичките бродови „Сојуз“ од Восточни не се планирани, па така овој ветеран во космонаутиката (првпат е лансиран кон крајот на 1966 година) ќе продолжи да лета од Бајконур уште некоја година после првата мисија на „Федерација“. После тоа ќе биде целосно заменет со брод од новата генерација. Дотогаш, старите ракети–носачи „Сојуз – У“ (лансер на теретни бродови „Прогрес“) и „Сојуз – ФГ“ (кој се користи за лансирање на космичките бродови „Сојуз“), а кои користат две рампи во Бајконур, ќе бидат повлечени од употреба и заменети со носачите „Сојуз – 2“, кој покрај од Восточни, лета и од северниот космодром Плесек.
Кога рампата за лансирање на супер–ракета со носивост од 70-80 тони до 190 тони е доведена во прашање, познато е дека овој проект е повлечен од финалниот предлог на Федералната космичка програма за следните десет години. Меѓутоа, неодамна Кремељ побара од „Роскомос“ да прецизира колку лансирни рампи се потребни на Восточни за постигнување на стратешки цели поврзани како за летовите во ниска орбита, така и за лансирање на мисии за освојување на Марс. Одговорот стигнал многу брзо – на Восточни се потребни три лансирни рампи – една за семејството на носачот „Сојуз – 2“ (и идните серии „Феникс“/Сојуз – 5), друга за сите носачи од типот „Ангара“, додека третата рампа ќе биде користена за лансирање на супер ракети. Иако не е прецизирано кога би можела да започне изградбата на третата рампа на Восточни, се претпоставува дека нејзината изградба ќе трае околку десет години, така што би можела да стане оперативна околку 2030та година. „Роскосмос“ веќе ги повика меѓународните партнери ако се заинтересирани да учествуваат во проектот за развој на супер ракета за која Русија ги врзува своите истражувања за Месечината и стратегиите за истражувања на другите планети со апарати со човечки екипаж.
Кога се во прашање плановите за лансирање, после првиот космички старт остварен кон крајот на април оваа година, нема да има нови лансирања на Восточни. Следната 2017 година планирани се две лансирања на космички апарати, додека во 2018 година ќе бидат остварени шест лансирања – вклучувајќи за првпат и четири комерцијални.
Инаку, на Восточни има уште мнгоу работи кои треба да бидат завршени пред космодромот да стане целосно оперативен. Покрај објектите поврзани за спремање и лансирање на ракетата-носач и нормално функционирање на космодромот, како што се патна и железничка инфраструктура, електрична мрежа, водовод, телекомуникација и аеродром, недалеку од космодромот се гради нов град за околку 20 000 луѓе со убаво име – Циолковски (Tsiolkovsky). Таму ќе живеат вработените во космодромот меѓу кои ќе доминираат млади луѓе, со што, Кремељ има за цел покрај реализацијата на долгорочните космички планови, да ја промени и демографската слика на Далечниот Исток. Кога зборуваме за Циолковски, постојат некои наговестувања дека името Восточни може да биде променето во Гагарин.
Иако на Восточни нема никакви планови за лансирања на ракета-носач „Протон“, индиректно новиот космодром влијае на судбината на овој стар лансер. Имено, почнувајќи од 2022 година лансирањето на „Протон“ од космодромот Бајконур во склоп на националната програма ќе биде суспендирана и префрлена на „Ангара“ која ќе лета од Восточни. Се очекува дека ќе има 10-12 вакви лансирања годишно. Во склоп на комерцијалната програма ILS „Протон“ ќе продолжи да лета од Бајконур уште неколку години, исклучиво како носач на странски сателити. Потоа ориентационо околку 2025/26 година ќе биде целосно повлечен од употреба и заменет со носачот „Ангара А5“.
На Бајконур се наоѓаат две единствени „Протонови“ лансирни рампи кои, како и „Протон“, ќе отидат во историјата. По повлекувањето на лансирањето на ракетата-носач „Сојуз“ и „Протон“, и веќе изгаснатиот „Зенит“, стариот космодром Бајконур (граден 1955-57), ќе изгуби на значење, кога е во прашање космосот. Иако Русија има потпишано договор со Казахстан за користење на Бајконур до 2050 година, тешко е да се очекува дека легендарното космичко пристаниште, кога е „Роскосмос“ во прашање, до тогаш ќе остане во употреба.
Превод: Александра Бошкова
Извор: Astronomski Magazin