За првпат мапирани огромни цевчести структури од плазма на небото

0

Студентка од Сиднејскиот универзитет за првпат преку користење на радиотелескопи како пар џиновски електронски очи успеа да лоцира огромни цевчести структури од плазма во атмосферата што ги попречуваат астрономските набљудувања и кои би можеле да имаат влијание врз цивилните и воени навигациски системи.

Научниците подолго време веруваа дека интеракцијата на земјиното магнетно поле со енергијата од Сонцето би резултирала со создавање на огромни цевчести структури од плазма. Но, тие никогаш не успеаја директно да ги набљудуваат на поголема површина или да ја утврдат нивната форма. Сè досега.

За првпат мапирани огромни цевчести структури од плазма на небото

Клео Лои – студентка на Универзитетот во Сиднеј. Credits: Supplied

Клео Лои, 23, која е сè уште студентка, го искористи телескопот Murchison Wide Field Array лоциран во западна Австралија како што ниеден друг радиотелескоп не бил употребен порано.

Широкоаголната низа (wide field array) се состои од 128 „плочи“ со антени на површина од преку седум квадратни километри. Клео Лои ги подели плочите од низата на 2 дела користејќи ја западната половина како десно око и источната половина како лево око. Потоа, многу слично на начинот на којшто луѓето го користат видот, преку триангулација, таа изгради тридимензионална динамична мапа на која се прикажани цевчестите структури од плазма на многу голема површина.

Клео Лои, која дипломираше во март, на почетокот се соочила со скептицизам од страна на нејзините постари колеги кои ја убедувале дека нејзините наоди се предобри за да бидат вистинити.

Нејзиниот ментор, д-р Тара Марфи изјави дека сето ова е заслуга на Клео, и дека таа како студент без некоја позадина на оваа тема не само што направи импресивно откритие, туку успеа и да го убеди остатокот од научната заедница.

Цевчестите структури се лоцирани во горната атмосфера на Земјата, позната како јоносфера, која воглавно се состои од јонизиран кислород. Јоносферата е така наречена затоа што фотони од Сонцето исфрлаат електрони од инаку неутралните атоми во овој слој на атмосферата, создавајќи супа од плазма од наелектризирани честички. Оваа плазма реагира со земјиното магнетно поле и притоа создава цевчести структури од плазма кои се подредени во полиња.

Овие слободни електрони ги попречуваат набљудувањата на астрономите и би можеле да имаат штетно влијание врз сателитските навигациски системи.

Клео Лои e речиси сигурна дека цевчестите структури се протегаат нагоре во плазмосферата, каде се позастапени јонизираните хелиум и водород.

„Повеќе од 60 години, научниците веруваат дека овие структури постојат, но со нивното прикажување за првпат, добиени се визуелни докази дека навистина се тука,“ вели Клео Лои од Универзитетот од Сиднеј (ARC Centre of Excellence for All-sky Astrophysics (CAASTRO) at the University of Sydney).

Eднa од 128 плочи на радиотелескопот Murchison Wide Field Array во западна Австралија

Eднa од 128 плочи на радиотелескопот Murchison Wide Field Array во западна Австралија

Гиф од откритието на Клео Лои кој покажува како цевчестите структури од плазма (црвено и портокалово) се подредуваат со земјиното магнетно поле

.Gif фајл од откритието на Клео Лои, кој покажува како цевчестите структури од плазма (црвено и портокалово) се подредуваат со Земјиното магнетно поле

Разбирањето на овие структури е важно за астрономите кои користат радиотелескопи. Слабиот електромагнетен сигнал кој патува преку милиони светлински години за да пристигне во нашиот Сончев систем поминува низ атмосферата пред да го детектираат радиотелескопите. Астрономите мора да сметаат и на влијанието на овие структури во атмосферата кога се обидуваат да ги разберат сигналите пристигнати од далечни квазари, радиогалаксии, црни дупки и слични астрономски субјекти.

Клео Лои е водечки автор на истражувањето, кое го спровела како дел од нејзината наградувана студентска теза и објавено во Geophysical Research Letters.

Клео Лои ја освои реномираната награда Бок (Bok Prize) на Австралиското астрономско друштво за 2015 за ова истражување и своето образование ќе го продолжи во Кембриџ на докторски студии по астрофизика.


Превод: Марија Стојановска и Љубинка Брашнарска

Извор: The Sydney Morning Herald

Сподели.