Планетата Девет е најверојатно уште поинтересна од досегашните очекувања. Се верува дека се наоѓа далеку зад орбитата на Плутон. Според новото истражување, оваа планета лутала сама низ Вселената и била привлечена од нашиот систем. Оваа објава беше споделена на конференција на Американското астрономско друштво во почетокот на 2017-та година и повеќето од научниците ја поддржале идејата дека Девет всушност била планета-скитничка која била зафатена во орбита околу Сонцето.
Се смета дека осамените планети во Млечниот Пат најверојатно дури и го надминуваат бројот на планети кои орбитираат околу ѕвезди, како дел од планетарни системи.
Според компјутерските симулации, средбите помеѓу планетите-скитнички и системите навистина не се реткост. Понатаму, во околу 60% од настаните имало приклучување на планетата-скитник кон системот. Најчесто станува збор за привремени посети, односно планетата по одредено време повторно би се оддалечила. Но, во околу 10% од средбите планетата-скитничка при повлекувањето привлекува со себе барем една, ако не и повеќе од планетите кои веќе биле составен дел од системот. Како и да е, средбите многу почесто би резултирале со постепени привлекување на планетата кон системот и оформување на орбита. Според симулациите, нашиот систем никогаш немал средба со планета-скитничка помасивна од Нептун, бидејќи во тој случај би имало очигледни последици.
Се смета дека Планетата Девет е десет пати помасивна од Земјата (како за споредба Нептун има 17 пати поголема маса). Постоењето на овој сè уште неоткриен свет беше посериозно предложено во 2014-та година од страна на два американски астрономи. Во 2016-та година беа објавени дополнителни докази базирани на анализа на орбитите на плаентите. Се смета дека орбитата на оваа планета е многу голема и се движи до 1.000 астрономски единици од Сонцето. Како за споредба, Плутон никогаш не оди подалеку од 49 астрономски единици од Сонцето.
Секако, и покрај сите теории и истражувања, останува да се докаже и потврди присуството на оваа планета.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Space