Астрономите најдоа планета со големина на Земјата во нашето соседство

0

Нашето соседство во вселената со тек на време се покажува како место прилично исполнето со планети. Астрономите најдоа нова егзопланета малку поголема од Земјата во орбита околу ѕвезда црвено џуџе оддалечена само 66,5 светлосни години.

Планетата представува одличен кандидат за пополнување на празнините во нашето знаење за малата карпеста популација на планети во Млечниот Пат.

red dwarf

Mark Garlick/Science Photo Library

Способноста за детекција и знаењето за егзопланетите практично имаат експлодирано по првото откритие во 1992. До моментот на пишување на овој текст над 4100 егзопланети се потврдени во нашата галаксија и сега имаме многу подлабоко разбирање за планетарните системи, нивното настанување и еволуција.

Но, бидејки трагаме по мали, слабо осветлени или темни нешта кои тешко се гледаат од далечина, природно повеќето од потврдените егзопланети се гасовити или смрзнати џинови со големина на Нептун или поголеми.

Мисиите за лов на егзопланети, Кеплер и поновата TESS (Transiting Exoplanet Survey Satellite), го зголемија бројот на детектирани помали егзопланети со маса колку Земјата и Венера, кои има поголеми шанси да се карпести отколку гасовити. (Еден од предусловите за развој на животот каков што го познаваме)

Но, според меѓународен тим воден од астрофизичарот Ави Шпорер од Кавли институтот за астрофизика и истражување на вселената при MIT (Massachusetts Institute of Technology), овие карпести планети се тешки за мерење и карактеризација. Тоа е така поради тоа што често не ѓи наоѓаме околу ѕвезди кои се доволно светли за да овозможат подетални истражувања. Поради ова откритието на оваа нова егзопланета е толку возбудливо.

„Овде го презентираме откритието на Gj 1252 b, мала планета која орбитира околу M тип на џуџе. Планетата беше иницијално откриена како кандидат за транзитирачка планета од податоците добиени од TESS“ велат истражувачите. „Врз основа на податоците од TESS и допоплнителни последователни податоци успеавме да ги отстраниме сите лажно позитивни сценарија, докажувајки дека станува збор за вистинска планета.“

Gj 1252 b е со големина 1,2 пати во однос на онаа на Земјата, додека има двојно поголема маса. Орбитира околу ѕвезда црвено џуџе наречена Gj 1252 која е мало нешто, само 40% од масата и големината на Сонцето.

Егзопланетата прави орбита околу својата ѕвезда еднаш на секои 12,4 саати – и е премногу близу за да биде населлива, и најверојатно едната страна секогаш и е свртена кон ѕвездата – но оваа орбита ја прави атрактивна за една сосема друга причина.

На растојание од само 66,5 светлосни години системот е доволно близу за светлоста на ѕвездата да овозможи дополнителни набљудувања. Згора на ова, црвеното џуџе е невообичаено мирно за ѕвезда од својот тип, што заедно со фактот дека планетата прави една револуција за толку кратко време овозможува постоење многу можности за да се фати при премин наспроти својата ѕвезда домаќин.

Ова се нарекува транзит и доколку планетата има атмосфера, ќе биде осветлена од страна на ѕвездата за време на транзитот, дозволувајќи им на астрономите да видат од што се состои со помош на спектроскопски набљудувања.

Gj 1252 b е всушност само најновата од повеќе вакви блиски карпести светови кои ги откри TESS. Pi Mensae c и LHC 3844, на оддалеченост од 60 и 49 светлосни години беа откриени во Септември минатата година покрај TOI-270b на оддалеченост од 73 светлосни години, Teegarden b и Teegarden c на 12,5 светлосни години и Gilese b, Gilese c и Gilese d на 12 светлосни години.

Колку повеќе вакви блиски карпести планети откриваме толку повеќе податоци можеме да собереме од сите заедно за да утврдиме колку се чести и какви се навистина – дали Земјата е исклучок, додека повеќето карпести планети се пустелии како Меркур, Венера и Марс, или пак е почест тип на планета во Млечниот Пат.

Секако сето ова има импликации во однос на потрагата за вонземен живот. Но, најпрво мораме да видиме повеќе карпести егзопланети. Gj 1252 b е можеби одлично место да се започне.

„Ѕвездата домаќин  со својата близина и светлост заедно со краткиот орбитален период на планетата го прават системот атрактивна цел за детална карактеризација“ велат истражувачите во трудот. „Овие истражувања вклучуваат проучување на атмосферата на планетата како и користење на Gaia вселенската обсерваторија заедно со долготрајни набљудувања на радијалната брзина во потрага по некоја досега непозната ѕвезда, кафеаво џуџе или масивна планета која орбитира околу ѕвездата домаќин.“

Истражувањето е поднесено до Американското Астрономско Друштво и е достапно на arXiv.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: sciencealert.com

Сподели.