Пепелта на астрономот се приближува до ледениот свет којшто тој го откри: Плутон

0

Денес, Клајд Томбо ќе помине на 12 550 километри од ледениот свет којшто тој го откри пред 85 години.

Неговата пепел е во леталото Нови Хоризонти на НАСА на првото патешествие на човештвото до Плутон.

Нови Хоризонти исто така носи и поштенска марка од САД од 1991 година, со порака „Плутон сè уште не истражен“, како и две американски монети од 25 центи (quarters), едната со претстава на Флорида, од каде што леталото е лансирано и другата со Мериленд на задната страна, седиште на развивачите и контролата на летање на вселенското летало.

Вкупно, девет мали спомени се спакувани во Нови Хоризонти.

Има добра причина зошто се девет.

Кога Нови Хоризонти полета од Кејп Канаверал на 19 јануари 2006, Плутон беше деветтата планета во нашиот Сончев систем. Плутон беше „деградиран“ како џуџеста планета само седум месеци подоцна.

Сопругата и двете деца на Томбо понудија дел од неговата пепел за патувањето до Плутон. Пепелта на момчето – фармер кое станало астроном се сместени во алуминиумска капсула со големина од 5 сантиметри, на која се изгравирани следниве зборови:

„Овде се погребани остатоците на американецот Клајд Томбо, откривач на Плутон и „третата зона“ од Сончевиот систем. Момче на Адел и Мјурон, сопруг на Патриша, татко на Анет и Алден, астроном, учител и пријател: Клајд Томбо (1906-1997)“.

Анет Томбо – Ситце и нејзиниот помлад брат Алден, сега во нивните седумдесетти, планираат да бидат во базата за оперирање на летот во Лабораторијата за применета физика на Универзитетот Џонс Хопкинс во Лаурел, Мериленд, за време на историската средба овој вторник. Нивната мајка почина во 2012, на 99-годишна возраст.

„Мислам дека татко ми би бил воодушевен од Нови Хоризонти. Мислам, како не би бил?“ вели Анет во интервју за НАСА. „Кога тој првпат погледна кон Плутон, тоа беше само светла дамка.“

Што се однесува на поштенската марка од 29 центи, Плутон е претставен како сивкаст со портокалови дамки, уметнички приказ базиран на тоа што НАСА го знаеше за малото небесно тело во 1991 година, што не беше многу.

Сè подобрите погледи од Нови Хоризонти откриваат бакарно-обоен, леден, светол свет.

„Ниедна поштенска марка до сега не патувала толку далеку“, кажа Марк Сандерс, говорник од Американската поштенска служба.

Мал исечок од Вселенски Брод Еден (SpaceShipOne) е закачен на Нови Хоризонти; првиот приватен вселенски авион со екипаж кој постигна подорбитални летови во 2004 и ја доби наградата Ансари Х од 10 милиони долари.

Исто така, во леталото има две американски знамиња, како и два компактни дискови (ЦД). Едното од нив содржи слики од членовите на тимот. Другото содржи 434.738 имиња на луѓе кои претходно се регистрирале на интернет.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.