Патот до Марс преку прстените на Месечината

0

Русите и Американците размислуваат за создавање на вселенска база близу до Месечината којашто ќе овозможи натамошни истражувања на Марс и далечниот простор. Роскосмос и НАСА ќе работат во идната орбитална станица во склоп на идните вселенски проекти.

Проектот за Меѓународна вселенска станица (МВС; International Space Station – ISS) кој претставува партнерство меѓу Русија, САД, ЕУ, Јапонија и Канада ќе биде завршен во 2024 година кога МВС ќе биде потопена во океанот.

Изградбата на МВС започна во 1998 кога е лансиран рускиот модел Зарја (Zarya). Нејзиниот последен голем дел „Модул алфа магнетски спектрометар“ донесен е во мај, 2011 годна, со американскиот вселенски брод Ендевор (Endeavour) којшто ја направи својата 25-та и последна мисија.

Наскоро и човечка мисија

Во март минатата година директорот на Роскосмос, Игор Комаров, потврди дека МВС ќе го продолжи научното истражување до 2024 година и откри дека САД и Русија водат разговори за наследникот на тој меѓународен проект.

Проектната база блиску до Месечината ќе биде отворена за сите заинтересирани. Администраторот на НАСА, Чарлс Болден, изјави дека многу земји можат да соработуваат на мисијата за патување до Марс. „Правецот на нашата соработка е Марс. Размислуваме како најдобро да ги користиме ресурсите, финансиите, како да ја одредиме временската рамка и како да ги координираме нашите напори за да не се дуплираат активностите“ – објаснува Болден.

Во моментов неколку ровери и орбитери го проучуваат Марс. Последниот е EgxMars, заедничка мисија на Роскосмос и Европската вселенска агенција, којшто е лансиран од космодронот Бајконур, во март 2016 година. Мисијата со луѓе е планирана за раните триесетти години од овој век.

Во јули 2015 година, Вилијам Герштенмаер (William Gerstenmaier), помошник администратор за човечки истражувања и операции во НАСА, изјави дека политичките разлики помеѓу Вашингтон и Москва не треба да влијаат врз програмата за вселенско истражување.

Секојдневни контакти

„Зависиме еден од друг во МВС проектот. Центрите за контрола на мисијата во Москва и Хјустон се во секојдневен контакт“ изјави Герштенмаер.

Неодамна, авторот на рускиот вселенски веб портал, Анатолиј Зек (Anatoly Zak), презентираше неколку опции за Роскосмос и НАСА. Тој откри дека американските вселенски компании како Боинг (Boeing) и Локхид Мартин (Lockheed Martin) работат со руските колеги од вселенската индустрија РКК Енергија и ГКНПТ Круничев на осмислување стратегии за новите мисии.

Неколку стратегии кои се разгледуваат вклучуваат создавање на меѓународни станици во цислунарниот простор (просторот меѓу Земјата и Месечината или орбитата на Месечината). Оваа база „може да служи како платформа за истражување на Земјиниот природен сателит и како отскочна даска за мисии на астероидите или друи Марс,“ вели Зек.

Русите го усовршија развојот и работата на вселенските модули во кои може да престојува екипажот и кој ќе има погон за неколку години работа. Се покажало дека токму ова е она што САД можат да го употреби. Таквите станици би можеле да го зголемат волуменот на просторот за престој на екипажот надвор од тесниот еднособен оддел на командниот модул на бродот, со што се проширува можноста за мисија.

На конференцијата за истражување и развој на меѓународни вселенски станици во Сан Диего, Герштенмаер потврди дека мисиите блиску до Месечината се сметаат како потпора за идните човечки мисии за Марс.

Истражување на астероиди

НАСА планира да го лансира вселенското летало Орион во 2020 година, кога астронаутите ќе тргнат во истражување на астероидите и се надева дека Марс ќе им биде достижен на луѓето во триесетите години на овој век.

Во МВС сега прават истражувања да најдат начин да го заштитат човековото тело за подолг период во Вселената којшто ќе биде потребен за мисија на Марс.

Во март 2016 година, американскиот астронаут Скот Кели и рускиот космонаут Михаил Кориенко слетаа во Казахстан после поминати рекордни 340 дена во Вселената на Меѓународната вселенска станица (ISS).

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.