Секоја година, август е месец кој за астрономите е обележан со исчекување на метеорскиот рој Персеиди. Се работи за прекрасен ноќен настан, чиј интензитет варира од година во година, а ретко разочарува: за време на максимумот, можат да се видат повеќе од 60 метеори на час. Во 2004-та година во еден час можеле да се забележат над 200 метеори.
Персеидите се појавуваат како резултат на согорување на остатоците од кометата Свифт-Татл, а чија патека нашата планета секоја година ја пресекува во овој период. Персеидите се веќе активни, и ќе можат да се набљудуваат до 24-ти август, со максимум во ноќта помеѓу 11-ти и 12-ти август (сабота) и помеѓу 12-ти и 13-ти август (недела).
За да видите што повеќе метеори, ноќта овие сабота и недела, препорачливо е да одите на место кое е подалеку од градовите, бидејќи таму небото е потемно. Свртете се кон североисток и побарајте го соѕвездието Персеј, според кое е именуван метеорскиот рој, бидејќи тука се наоѓа радијантот – точка од која привидно извираат метеорите. Бидете трпеливи, и во текот на ноќта сигурно ќе бидете наградени со барем неколку светли линии кои ќе го пресечат небото.
Дополнително, на нашата веб-страна можете да прочитате и подетални совети за набљудување метеори, како и совети за фотографирање на метеорите. И уште еден совет: не верувајте на сензационалистичките вести кои најавуваат огромен број на метеори кои ќе бидат толку светли, што ќе бидат видливи и преку ден. Персеидите се прекрасна појава, но таква која бара трпение за да може да се ужива во неа. Не ги пропуштајте овогодинешните Персеиди, и споделете ги искуствата од доживувањето на нашата фејсбук страница.
Ви посакуваме ведро небо!
Пренаменет текст од Марина Димовска