Секоја година, август е месец кој за астрономите е обележан со исчекување на метеорскиот рој Персеиди. Се работи за прекрасен ноќен настан, чиј интензитет варира од година во година, а ретко разочарува: за време на максимумот, можат да се видат повеќе од 60 метеори на час. Минатата година, на пример, оваа бројка достигна до 150 метеори на час (тоа се очекувањата и за оваа година), а во 2004-та година во еден час можеле да се забележат над 200 метеори.
Персеидите се појавуваат како резултат на согорување на остатоците од кометата Свифт-Татл, а чија патека нашата планета секоја година ја пресекува во овој период. Персеидите се веќе активни, и ќе можат да се набљудуваат до 24-ти август, со максимум во ноќта помеѓу 11-ти и 12-ти август (петок) и помеѓу 12-ти и 13-ти август (сабота). За жал, Месечината ќе го осветлува небото цела ноќ, но тоа не би требало да претставува препрека за набљудување на посјајните метеори.
За да видите што повеќе метеори, ноќта овие петок и сабота, препорачливо е да одите на место кое е подалеку од градовите, бидејќи таму небото е потемно*. Свртете се кон североисток и побарајте го соѕвездието Персеј, според кое е именуван метеорскиот рој, бидејќи тука се наоѓа радијантот – точка од која привидно извираат метеорите. Бидете трпеливи, и во текот на ноќта сигурно ќе бидете наградени со барем неколку светли линии кои ќе го пресечат небото.
Дополнително, на нашата веб-страна можете да прочитате и подетални совети за набљудување метеори, како и совети за фотографирање на метеорите. И уште еден совет: не верувајте на сензационалистичките вести кои најавуваат огромен број на метеори кои ќе бидат толку светли, што ќе бидат видливи и преку ден. Персеидите се прекрасна појава, но таква која бара трпение за да може да се ужива во неа. Не ги пропуштајте овогодинешните Персеиди, и споделете ги искуствата од доживувањето на нашата фејсбук страница.
Ви посакуваме ведро небо!
*Имајте предвид дека делумната забрана за движење низ шуми е сѐ уште активна.
Текст: Марина Димовска