Откриена е водена пареа на Церес

0

Досега се знаеше дека вода има на кометите и на некои сателити (пр.Европа). Но, од неодамна веќе се знае дека вода има и на астероидите (поточно, кај џуџињата).

Тим од научници на ЕСА (Европска вселенска агенција) и на прудружните институции, користејќи го ХИФИ инструментот од сателитот Хершел, детектираше апсорпциони линии со водена пареа на Церес. Церес е објект од астероидниот појас, со дијаметар околу 950 км. Според класификацијата од 2006 г. припаѓа на планетите џуџиња.

Водената пареа е детектирана со анализа на спектарот на Церес. Во него се забележани апсорпциони линии кои одговараат на молекулите на водата. Овие линии се појавуваат од водата која се наоѓа во “атмосферата” на Церес, која апсорбира одредени фреквенции на светлината, која ја осветлува површината на објектите и се рефлектира од него. Наједноставното објаснување за потеклото на водената пареа е сублимацијата од мразот која го прекрива Церес. Некои модели и досега предвидуваа дека оваа планета џуџе е прекриена со замрзната обвивка, а сега за тоа постојат и непосредни докази. Трудот е објавен во престижното списание “Нејчер”.

За ова откритие е потребен ваков инструмент во Вселената како Хершел, бидејќи во спротивно, ќе биде многу тешко да се одвои оваа линија на вода од многубројните линии кои припаѓаат на спектарот на Земјината атмосфера. Многу попрецизни и подетални може да се очекуваат за околу една година од мисијата “Дон” на НАСА. Ова откритие е многу важно за нашето разбирање на настанувањето и еволуцијата на Сончевиот систем.

Ова е трет голем астрономски настан во изминатите месеци по непосредната детекција на меѓугалактичка материја и експлозија на супернова во галаксијата М82.

Извор: Б92

Превод: Петар Ивановски

Сподели.