Астероид откриен во 19-тиот век само што беше идентификуван како најнаселениот астероид пронајден досега.
Астероидот се вика 130 Електра, или само Електра, и астрономите открија дека истиот има не една, не две, туку три помали сателити, т.е. месечини. Ова не само што го прави најбројниот познат систем од астероиди, туку и покажува како би можеле да најдеме други слабо видливи астероидни месечини во иднината.
„Електра е првиот забележан четворен систем,“ пишува тим астрономи предводен од Антони Бердеу при Државниот институт за астрономски истражувања на Тајланд во нивното истражување.
„Ова ново забележување … покажува дека редукцијата на податоци и процесирањето на алгоритми кои ја моделираат физиката на инструментите можат да ги подобрат границите на нивниот контраст.“
Не е непознато астероидите да имаат помали придружници, иако многу ретко можеме да ги забележиме. Од 1100000 откриени астероиди, за над 150 се знае дека имаат барем една месечина.
Електра, која има пречник од околу 260 километри, за првпат беше откриена во астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер во 1873, но нејзината прва месечина, наречена Ѕ/2003 (130) 1, не беше откриена се до 2003 – 130 години подоцна. Нејзината втора месечина, S/2014 (130) 1, беше откриена во 2014.
Има добра причина за долгото време потребно да се најдат овие сателити. Астероидите се мали и во најдобар случај само слабо осветлени. Нешто уште помало кое би орбитирало околу еден астероид само би било уште послабо осветлено, можеби засенето од светлината на мајчиниот астероид.
Колку што е помала и поблиску до астероидот, толку ќе биде потешко да се види месечината. Поради слична причина е тешко директно да се вида егзопланетите кои орбитираат околу други ѕвезди.
S/2003 (130) 1 има пречник од само 6 километри, и орбитира околу Електра на далечина од околу 1300 километри; S/2014 (130) 1 има пречник од само 2 километри, и има орбитна далечина од околу 500 километри.
Новооткриената месечина се вика S/2014 (130) 2, и е уште помала и поблиска: пречник од само 1,6 километри и орбитна далечина од 340 километри. Исто така е и 15000 пати послабо осветлена од Електра.
За да ја најдат, Бердеу и неговите колеги земале архивски податоци од иснтрументот SPHERE поврзан со Многу големиот телескоп на Европската јужна опсерваторија, и ги пуштиле низ новоразвиена низа програми за редукција на податоци за да отстранат шум од необработените податоци со големо ниво на ефикасност.
Тие исто така користеле алгоритми за податочно процесирање за да го моделираат долгото светло околу астероидот, кое се вика хало, и да го отстранат.
Откако податоците поминале низ овие процеси, се појавила малата трета месечина на Електра.
Иако тимот успеа да собере основни податоци за S/2014 (103) 2, се уште остануваат многу непознати околу нејзиното движење околу Електра. Исто така, немаме доволно информации за како овие системи се формираат.
Ланско истражување пронајде дека двете месечини на астероидот наречен Клеопатра веројатно се создале од прашина исфрлена од главното тело, но не знаеме колку често ова се случува во споредба со другите механизми на создавање месечини.
Истите би можеле да вклучуваат камења исфрлени при некаков судар, а дури и помали, попатни камења заробени од астероидовото гравитационо поле.
„Откритието на првиот четворен астероиден систем е мал чекор кон нашето подобрено разбирање на механизмите со кои овие сателити се создаваат,“ напишаа истражувачите во нивното истражување.
Нивните техники би можеле да се искористат и во идни истражувања за да се најдат уште повеќе астероидни месечини кои би можеле да бидат дополнителни чекори кон разбирањето на овој феномен.
Превод: Јоаким Јаковлески