Озирис забележа камења кои одржуваат баланс

0
Озирис забележа камења кои одржуваат баланс

Заслуги: ESA/Rosetta/MPS for OSIRIS Team MPS/UPD/LAM/IAA/SSO/INTA/UPM/DASP/IDA

Во регионот Акер (Aker) на кометата 67P/Чуриумов-Герасименко пронајдени се необично поставени камења. Тие на прв поглед потсетуваат на т.н. „балансирачки карпи“ на Земјата. Забележани се од страна на тимот Озирис (OSIRIS) на Розета (Rosetta).

Најголемиот камен (означен со „3“) има дијаметар од околу 30 метри. Само мал дел од него е во допир со површината на кометата, што може да се види од фотографија направена на 16 септември, 2014 г.

Оваа поставеност на камењата прв ја забележува Себастија Бес, научник од Озирис, кој вели дека на почетокот не им се чинело дека овие камења се различни од останатите. Слични геолошки формации постојат и на Земјата. Овие балансирачки карпи се допираат до површината со многу мал дел и затоа се чини како да ќе се стркаалаат секој момент. Голем дел од овие камења се т.н. Ератички блокови кои на овие локации се донесени од глечерите.

Сè уште не е познато како се создале балансирачките камења на кометата 67P/Чуриумов-Герасименко. Една од претпоставките е дека движењето на самата комета ги поместила овие камења од нивната првична локација.

На површината на кометата може да се видат голем број расфрлани камења, па дури и на нејзините релативно рамни делови. Еден од најголемите, Кеопс (Cheops), со големина од 45 метри, се наоѓа во средина на рамниот дел од долната страна на поголемиот заоблен дел од кометата. Во другите региони на кометата најчесто се јавуваат купчиња составени од стотици камења.

Толкувањето на фотографиите од површината на кометата е тешко и може да води до погрешни резултати. Така, на пример, на една фотографија направена на 16 август, 2014 година, изгледа како еден од камењата (означен со „2“) да стои исправено во форма на столб, но истото не може да се види на друга фотографија, направена во септември, истата година, од многу поблиско растојание (29 км).

Понатамошното фотографирање на овие камења може да обезбеди повеќе информации во поглед на нивното потекло и природа.

Превод: Дарко Рафаиловски

Извор: ESA

Сподели.