Сигурно сте слушнале дека најдобро време за набљудување на некоја планета е кога таа е во опозиција. Опозиција настанува кога Земјата низ својот пат околу Сонцето ќе се постави помеѓу Сонцето и некоја планета. Не сите планети можат да се најдат во опозиција. Но кога некоја планета ќе се најде во тој период од годината таа претставува светла точка за набљудувачите на вечерното небо.
Во астрономијата “опозиција” се случува кога една планета е наспроти Сонцето кога се набљудува од Земјата. Па така, планетите кои орбитираат внатре во Земјината орбита (првите две планети: Меркур и Венера), немаат опозиција од Земјата. Додека пак планетите (Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун) надвор од Земјината орбита можат да бидат во опозиција.
Еднаш во годината движејќи се во нашата помала и побрза орбита поминуваме помеѓу Сонцето и планетите што можат да бидат во опозиција.
Сонцето заоѓа на запад, па кога Јупитер изгрева на исток тогаш велиме дека Јупитер е во опозиција. Тогаш Земјата поминува помеѓу Јупитер и Сонцето. Кога планетата е во опозиција тогаш таа е генерално најблиску до Земјата и е видлива во текот на целата ноќ што ја прави идеална за набљудување.
Опозицијата можеме да си ја претставиме така што Земјината орбита би ја замислиле како круг со центар во Сонцето. Земјината орбита е внатрешниот круг, а орбитата на планетата во опозиција е надворешниот круг. Кога Земјата се наоѓа во својата орбита точно помеѓу Сонцето и надворешната планета тогаш настанува опозиција за надворешната планета. Планетите се движат околу Сонцето во насока обратно од стрелките на часовникот. Бидејќи Земјата е поблизу до Сонцето таа се движи побрзо во нејзината орбита за разлика од Сатурн на пример, додека пак Јупитер се движи побрзо од Сатурн. Во текот на годината планетите опишуваат различни конфигурации, но еднаш годишно Земјата ќе се најде помеѓу Сонцето и Сатурн. Тогаш велиме дека Сатурн е во опозиција.
За време на опозиција гледано од Земјата, Сонцето се наоѓа на една страна од небото а планетата на друга страна. Сонцето заоѓа на запад а планетата изгрева на исток. На крајот на ноќта планетата заоѓа на запад, а Сонцето изгрева на исток.
Попрецизно, опозиција настанува кога надворешната планета и Сонцето се на растојание од 180 степени на небото. Зборот опозиција има латински корени, грубо преведено значи “да се биде отспротива”.
Планетите Венера и Меркур никогаш не можат да бидат во опозиција гледано од Земјата. Причината е што Венера и Меркур се наоѓаат поблиску до Сонцето од Земјата, па Земјата не може никако да се постави помеѓу нив. Овие планети не можат да се појават на исток кога заоѓа Сонцето. Гледано од Земјата тие секогаш се во близина на Сонцето. Венера не може да биде подалеку од 47 степени на небото од Сонцето, додека Меркур не може да биде повеќе од 28 степени на растојание од Сонцето.
Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун (планетите подалеку од Сонцето во однос на Земјата) еднаш годишно се наоѓаат во опозиција. Марс, пак, бидејќи е поблизу до Земјата и брзината на орбита е послична со Земјината за разлика од другите надворешни планети, се наоѓа поретко во опозиција или еднаш на секои 27 месеци.
Марс беше во опозиција на 8 декември 2022, а следната опозиција ќе биде на 15 јануари 2025.
Јупитер беше во опозиција на 26 септември 2022, а следната опозиција ќе биде на 2-3 ноември 2023.
Сатурн беше во опозиција на 14 август 2022 и 26-27 август 2023. Следната опозиција ќе биде на 8 септември 2024.
Уран беше во опозиција на 9 ноември 2022, а следната опозиција ќе биде на 13 ноември 2023.
Нептун беше во опозиција на 16 септември 2022, а следната опозиција ќе биде на 19 септември 2023.
Опозицијата на Јупитер се поместува за еден месец секоја следна година, а на Сатурн за 2 недели. Датумите на опозиција на Уран и Нептун се поместуваат само за неколку денови секоја следна година.
Опозициите се значајни за астрономските набљудувања бидејќи тогаш планетите се видливи на небото во текот на целата ноќ. На и во близина на датумот на опозиција тие се најблиску до Земјата и телескопите можат да видат најмногу детали. Дополнително за време на опозиција планетите се целосно осветлени од Сонцето на начин како што полната месечина е осветлена од сонцето. Полната Месечина е всушност Месечината во опозиција.
Оваа година поминаа неколку опозиции, но како што видовме погоре не очекуваат уште неколку во текот на следниве два месеца.
Превод: Сања Павлова
Извор: earthsky.org