Набљудувајќи го небото во самрак астрономите пронашле 3 нови астероиди блиски до Земјата. Еден од трите е најголем астероид откриен во последните неколку години и претставува можен ризик за Земјата.
Астероидот со големина од 1,5 км има орбита што во иднина може да се приближи проблематично блиску до нашата планета. Другите два астероиди имаат безбедна орбита што се наоѓа поблиску до Сонцето отколку до Земјата. Тоа што се безбедни за Земјата откривањето на овие два астероиди не го прави помалку значајно, во околности кога не се знае многу за популацијата на небесни тела близу Земјата, односно помеѓу Земјата и Сонцето.
Поголемиот дел од малите планети во Сончевиот Систем (мали планети се небесни објекти во директна орбита околу Сонцето, што не се ни планети ни комети) се откриени на орбитално растојание поголемо од орбитата на Земјата. Тука се астероидскиот појас помеѓу Марс и Јупитер, Кајперовиот појас после Нептун и многу други небесни карпи како астероидите “Тројанци” и “Грци” кои делат планетарни орбити.
Малку мали планети се откриени во регионот близу до Земјата. Причината за тоа е што телескопите треба да се насочат кон Сонцето, нашата голема и сјајна ѕвезда која со својата светлина ги прави недостапни малите астероиди. Тоа значи дека веројатноста е многу поголема да најдеме астероид во надворешниот дел на Сончевиот Систем отколку блиску до Сонцето, во внатрешниот дел. Со цел да се истражи внатрешниот дел од Соларниот Систем, астрономите работат во часовите на зората и самракот кога сончевите зраци главно лежат врз хоризонтот на Земјата, обезбедувајќи доволно светлина за осветлување на внатрешните астероиди.
Тим на истражувачи предводен од астрономот Scott S. Sheppard направиле пребарување на небото во областите помеѓу Сонцето и Венера што резултирало со значајни откритија.
Едни од тие откритија се 2021 PH27, астероид со најкратката орбита откриен до сега од само 113 дена и 2021 LJ4, астероид кој кружи околу Сонцето исто така во рамките на орбитата на Земјата. Двата астероиди се познати како Atira астероиди.
“Досега имаме откриено 2 големи астероиди блиски до Земјата чија обем е 1 км, големина што ја нарекуваме убиец на планети”- вели астрономот. Досега се откриени само 25 астероиди во овие простори на небото, токму поради тешките услови за набљудување.
Третиот астероид 2022 AP7 е познат како Apollo астероид. Овие астероиди имаат елиптична орбита што ги движи од просторот блиску до Сонцето до надвор од Земјината орбита. Преминувајќи ја нашата орбита, ваквите астероиди би можеле да се приближат доволно блиску до Земјата за да ризикуваат судир и тоа им носи класификација на потенцијално опасни астероиди.
Познати се околу 2000 астероиди коишто се потенцијално опасни, најголемиот од нив има големина од околу 7 км. Со тоа што знаеме за нивното постоење, може да се моделираат нивните орбити и да се пресмета дали и кога ќе дојдат до опасни растојанија од Земјата. Ако го знаеме ова предвреме може да се направи нешто околу тоа како што е предизвикување на судир со вселенско летало за да се пренасочи нивниот курс.
Откривањето на Атира астероидите е исто така од големо значење бидејќи дава информација за популацијата на внатрешниот дел од Соларниот Систем, за неговата динамика и поточни модели за еволуцијата со текот на времето.
Превод: Сања Павлова
Извор: sciencealert.com