Само еден месец пред 20-годишнината од лансирањето, на 15-ти септември (петок), нашата омилена мисија Касини ќе заврши со спектакуларно нурнување во атмосферата на Сатурн. Со оглед на неговата оддалеченост од Земјата, кога до нас ќе пристигнат последните сигнали, леталото веќе ќе го нема – на сигналот му се потребни 83 минути за да ја помине оддалеченоста од околу 1.300 милиони километри и да пристигне до нашата планета. Касини ќе испраќа фотографии до четврток вечер, а ќе продолжи со праќање на податоци за неговата локација сè до петок наутро, кога неговата антена за последен пат ќе биде насочена кон нас.
Изминато време од крајот на мисијата
НАСА ќе ја пренесува во живо атмосферата од одделот за контрола на мисии во JPL (Jet Propulsion Laboratory) од Пасадена, Калифорнија, а преносот можете да го следите тука:
Големата завршница на Касини е започната уште во април оваа година, а се состои од 22 елиптични орбити за време на кои леталото поминува во просторот помеѓу Сатурн и неговите прстени, постојано испраќајќи ни прекрасни фотографии од пределите низ кои досега никое летало нема патувано.

Ретро постер кој го најавува крајот на мисијата Касини. Заслуги: NASA/JPL-Caltech
Во текот на својата мисија, Касини ни расветли многу важни информации за атмосферата на Сатурн, неговите шестоаголни бури, системот од прстени и бројните природни сателити. Ни откри и неколку дотогаш непознати месечини, а ја истражуваше и Сатурновата месечина Енцелад, кај која пронајде докази за потповршински океан и гејзерска активност (млазови) кои извираат околу поларниот регион, а каде има и можност за постоење на живот.
Романтичниот крај на мисијата, при што леталото по 13 години патување околу Сатурн конечно ќе се претопи во планетата, станувајќи дел од неа така што ќе согори во атмосферата, е осмислен така со добра причина. Во скоро време, горивото на леталото ќе се потроши, што ќе значи дека неговата патека веќе нема да може да биде под контрола. Ова би отворило можност Касини да налета на некоја од над 60-те месечини на Сатурн, што би претставувала сериозна можност за контаминација со остатоци кои потекнуваат од Земјата.
Сентиментално сме поврзани со оваа мисија, не само поради нејзината исклучителна важност за научната заедница, туку и за секој од нас. Пред фотографиите, кои имавме можност да ги следиме како што ни беа испраќани од Касини, никој не може да остане рамнодушен. Величенственоста на Сатурновите прстени, масивните бури во неговата атмосфера и вонземските предели на бројните месечини нè наведуваат на размислување за нашето место во Вселената. Сепак, и крајот на мисијата има своја цел: сè до последните мигови, кога Касини ќе се нурне во атмосферата на Сатурн, ќе ни испраќа вредни податоци и се очекува да дознаеме многу повеќе за составот на атмосферата на мистериозниот гасовит џин.
За крај, да поуживаме во наследството од Касини со дел од поновите фотографии:

Проекција на Сатурновата сенка врз неговите прстени. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Шестоаголната бура на северниот пол на Сатурн. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Брановидната структура на Сатурновите прстени. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Тенките нишки кои го сочинуваат Сатурновиот F-прстен. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Титан, најголемиот природен сателит на Сатурн, фотографиран од темната страна, при што јасно се отцртува неговата атмосфера. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute

Сатурновата месечина Тетис, со огромниот кратер кој ја обележува. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute
Секвенца од последователни фотографии од Енцелад. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/Space Science Institute
Збогум, Касини, ќе ни недостасуваш!
Текст: Марина Димовска
Извор: NASA/JPL, National Geographic, Universe Today