Објавена првата слика од супер радио телескоп

0
Објавена првата слика од супер радио телескоп

Дел од антените на радио телескопот Меркат, Карнавон, 16-ти јули 2016. Заслуги: 2016 AFP

Работејќи со четвртина од својот капацитет кога ќе биде завршен, телескопот Меркат (Meer KAT) од Јужна Африка ја демонстрираше својата моќ, откривајќи 1300 (радио) галаксии во делче на небото каде претходно беа познати само 70.

Објавената слика беше прва направена од овој телескоп кога 16 антени беа истовремено ставени во употреба. Конечниот број од 64 антени ќе биде пуштен во употреба следната година како дел од мулти-националниот проект „радио низа од еден квадратен километар“ (Square Kilometer Array, SKA), најголемиот радио телескоп на светот.

Сликите кои ги добивме од Меркат се „многу подобри од она што го очекувавме”, рече главниот научник за SKA во Јужна Африка, Фернандо Камило во интервју дадено на местото на кое се наоѓа Меркат, блиску до малото гратче Карнавон, 600 километри северно од Кејптаун.

„Ова значи дека и во оваа фаза Меркат е веќе најмоќниот радио телескоп во јужната хемисфера“ – рече камило за агенцијата АФП.

Кога ќе биде целосно завршен и функционален во 2020-тите, телескопот SKA ќе се состои од „шума“ од 3000 антени разместени преку површина од еден квадратен километар [Заб. прев.: ова не е сосема точно, имено целосната корисна површина на антените ќе биде еден квадратен километар, а тие ќе зафаќаат површина од повеќе стотици квадратни километри] во пуст терен од неколку земји (Јужна Африка и Австралија, заб. прев.) со цел да се дознае повеќе за космосот отколку било кога претходно.

Тој ќе има потенцијал за нови откритија 10.000 пати поголем од најнапредните модерни инструменти и ќе истражува ѕвезди кои експлодираат, црни дупки, темната енергија и траги од настанувањето на Универзумот од пред околу 14 милијарди години.

Објавена првата слика од супер радио телескоп

Првата слика од Меркат. Секоја од сјајните точки го преставува интензитетот на радио бранови регистрирани со 16-те антени на Меркат во Кару (кога ќе биде завршен, Меркат ќе се состои од 64 антени и придружни системи). Повеќе од 1300 одделни објекти – галаксии кои се наоѓаат во далечниот Универзум – се видливи во оваа слика. Права: MeerKAT

Изградбата на Меркат се одвива во оддалечениот и сув југозапад на регионот наречен Кару во Јужна Африка, кој нуди одлични услови за (радио) астрономски набљудувања.

Регионот ќе служи како место на кое ќе се гради една од двете концентрации на SKA другата е во Австралија.

Објавена првата слика од супер радио телескоп

Монтажа од првата радио слика на Меркат и 4 зумирани региони. Двата панела десно прикажуваат далечни галаксии со масивни црни дупки во нивните центри. Долу десно е прикажана галаксија оддалечена околу 200 милиони светлински години, каде нови ѕвезди се формираат од големи облаци на водород. Права: MeerKAT

Околу 200 научници, инженери и техничари рабтејќи заедно со партнери од индустријата, локални и универзитети од странство развиваат технологии, материјали и софтвер за Меркат.

Многу моќен инструмент

Министерот за наука и технологија на Јужна Африка, Наледи Пандор изјави за АФП дека „за прв пат група на земји од Африка ќе бидат домаќини на научна инфраструктура од овој обем.“

Објавена првата слика од супер радио телескоп

Дел од антените на Меркат. Карнавон, 16-ти јули 2016.

„Ова е првпат за Африка и светот, затоа што досега светот не создал нешто вакво во Африка“ – рече министерот. „Градиме глобална инфраструктура за светот.“

„Сега можеме да очекуваме дека кога следната година сите 64 антени ќе бидат поставени ова да биде најдобриот телескоп, не само во јужната хемисфера, туку и во светот“ – рече Пандор.

Повеќе од 20 земји се членки на SKA, заедно со Британија каде е сместена главната канцеларија на проектот.

И покрај економијата која забавува, Јужна Африка, која е домаќин на најголемиот дел од проектот, досега инвестираше три милијарди ранди (205 милиони долари) во проектот, средства кои доаќаат од буџетот, како и од партнери во научно-истражувачката дејност.

Објавена првата слика од супер радио телескоп

Кога ќе биде целосно завршена во 2020-тите, SKA ќе се состои од „шума“ од 3000 антени распоредени во пусти области низ неколку земји.

Петстотини научни групи од 45 земји веќе имаат резервирано време на набљудување со Меркат помеѓу следната година и 2022.

„Ова ќе биде досега најмоќниот инструмент за радио астрономите од Јужна Африка и од светот“ – изјави за АФП директорот на SKA проектот за Јужна Африка, Роб Адам.

Превод: Александар Шулевски

Извор: Phys

Сподели.