Ново од Нови хоризонти

0

Фотографиите од Плутон испратени од Нови хоризонти во последниве неколку денови ни откриваат голем број нови топографски и структурни детали. На фотографијата подолу е прикажана областа околу линијата која го дели денот од ноќта, и на неа се протегаат чудни, линеарни сртови кои ги запрепастија членовите на тимот на Нови хоризонти.

Овој уникатен и комплексен пејзаж се протега на стотици километри и геофизичарите велат дека ќе биде потребно време да се открие за што станува збор. Се претпоставува дека би можело да се работи за комбинација на внатрешни тектонски сили и сублимација на мраз поради слабите сончеви зраци кои допираат до Плутон.

Исто така, вселенското летало Нови хоризонти има направено и детални спектрални мапи и други фотографии со висока резолуција. Новиот поглед на Плутон со „проширена боја“ е направен на 14 јули, а испратен до Земјата на 19 септември. Тука се забележува невообичаено богата палета на бои на Плутон. Користен е MVIC инфрацрвен канал за проширување на спектарскиот поглед на Плутон, а боите на површината на Плутон откриваат значајни детали на кои се забележува палета на светло сини, жолти, портокалови и јаки црвени нијанси. „Многу пејзажи имаат споствена препознатлива боја која раскажува комплексна геолошка и климатолошка приказна која допрва почнуваме да ја декодираме.“ – вели Џон Спенсер од Југозападниот истражувачки институт во Булдер, Колорадо.

Заслуги: NASA/JHUAPL/SWRI

Во продолжение, на 20 септември на Земјата се добиени се фотографии со досега најголема резолуција на која можат да се забележат деталите на Плутоновата геологија. Овие фотографии ни откриваат карактеристики кои наликуваат на дини, постаро крајбрежје на глацијално ледено езеро и делови од ледени планини со стрмни карпи.

Деталниот приказ на мазната, светла површина неофицијално наречена Рамнина Спутник покажува дека на неа има густо поставени дупки, ниски сртови и разигран терен. Научниците велат дека постои можност да се работи за честички на светол мраз.

Заслуги: NASA/JHUAPL/SWRI

Со новите фотографии добиваме нови информации за структурата на Плутон, како новата мапа на мраз од метан на делови од површината на Плутон која открива големи контрасти: на Рамнината Спутник има метан во изобилство, додека во регионот неофицијално познат како Ктулу регион воопшто нема метан освен на неколку сртови и околу неколку кратери. На планините западно од Спутник исто така недостасува метан.

Заслуги: NASA/JHUAPL/SWRI

Распореденоста на метанот долж површината воопшто не е едноставна. Високи концентрации на метан се наоѓаат на светлите рамнини и околу кратерите, но речиси нема воопшто метан во центарот на кратерите или во потемните региони. Научниците не се сигурни дали тоа што метанот се јавува во посветлите области се должи на тоа што таму има поголема веројатност метанот да кондензира или пак, токму кондензацијата ги осветлува тие региони.

Заслуги: NASA/JHUAPL/SWRI

Со најновите фотографии и мапи се оди чекор напред кон откривање на мистериозната приказна за Плутон.

Превод: Дарко Рафаиловски

Извор: NASA

Сподели.