Нови Хоризонти оди кон нова цел

0

После година дена говорејќи за тоа, стигна службена потврда: леталото на американската вселенска агенција НАСА, Нови Хоризонти (New Horizons), доби нова цел во своето патување низ Кајперовиот појас.

Тоа ќе биде 2014 MU69, мало тело со дијаметар од 40 km, скоро занемарлива големина во однос на Плутон, со дијаметар е 2 370 km.

Нови Хоризонти е лансиран во јануари, 2006 година, со цел да го истражи Плутон, единствената планета која дотогаш не беше посетена од сонда лансирана од Земјата. Неколку месеци подоцна, со административна одлука, на Плутон му е укинат статусот на планета и истиот е преквалификуван во џуџеста планета. Иако се промени ознаката, важноста за истражување на овој дел од Универзумот од тогаш значително порасна. Во меѓувреме се откриени уште два сателити во орбитата на Плутон (покрај веќе постоечките Харон, Никс и Хидра, додадени се Кербер и Стикс), а континуираното откривање на транснептунски тела упатувало на тоа дека во темнината позади Нептун, односно Плутон, се крие вистинско царство на неоткриени небесни тела.

Приказ на орбитата на Плутон и 2014 MU69. Извор: Wikipedia

Во јули, 2015 година, по повеќе од девет години од лансирањето, Нови Хоризонти помина покрај Плутон, на оддалеченост од 12 500 km. Огромна е количината на собрани податоци за Плутоновиот состав. Во почетокот на наредната година ќе заврши симнувањето, а анализата на податоците ќе се одвива уште години потоа.

Со напуштање на Плутон, целите на мисијата од примарни преминаа во секундарни – истражување на Кајперовиот појас, односно пронаоѓање на небесни тела кои Нови Хоризонти би можел да ги посети на својот пат.

Во годините наназад, астрономите интензивно го користеа небесниот телескоп Хабл (Hubble) барајќи адекватна цел за оваа сонда. Во средината на 2014 година успеаја во тоа – пронајдоа небесно тело кое, со минимални корекции во патеката, ќе биде на патот на Нови Хоризонти. Проценките велат дека 2014 69MU има дијаметар помеѓу 30 и 45 km, а за револуција околку Сонцето потребни му се 293 години. Се претпоставува дека станува збор за остатоци исфрлени во краевите на системот после формирањето на гасовитите џинови Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун. Тоа е најголемото познато тело во радиусот на движење на Нови Хоризонти. Се предвидува дека сондата ќе го сретне 2014 МU69 на 1-ви јануари 2019 година, тринаесет години по лансирањето.

Приказ на големината на 2014 MU69. Заслуги: Wikipedia

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.