Нова вселенска станица на Русија и НАСА?!

0

Пред само неколку дена од руска страна се пласираа информации дека е во план да се прави нова орбитална станица која ќе треба да ја замени Меѓународната вселенска станица по 2024 година, до кога е планирано таа да остане во орбита. Русија и НАСА неодамна се договорија да работат и да ја финансираат станицата до 2024 година, но сите останати заеднички планови не беа јасни, особено откако започна Украинската криза по што односите на САД со Русија значително се влошија.

Се говореше и дека Русија планира нејзиниот дел од станицата да го одвои по 2024 година и со лансирање на нови модули да ја надополни станицата која ќе личи на вселенската станица МИР, се со цел да се продолжат мисиите со човечки екипаж во Земјината орбита од руска страна.

Изјавата за продолжување на соработката и изградба на нова станица ја потврди директорот на Роскосмос (Руската вселенска агенција), Игор Комаров. За да биде изјавата поверодостојна, таа се случи при посетата на администраторот на НАСА Чарлс Болден на космодромот Бајконур, за време на лансирањето на експедицијата 43 на МВС, каде членови се Скот Кели (Scott Kelly) и Михаил Корниенко, кои ќе останат на станицата да живеат една година. Во изјавата беше кажано дека покрај досегашните партнери во изградбата на МВС, во изградбата на новата станица може да влезат и земји кои досега не биле вклучени. Плановите сè уште не се финализирани и останува да се направат дополнителни разговори меѓу кои не е исклучено и да се продолжи со функционирањето на МВС за дополнителни неколку години пред да се премине на планот за новата станица.

Дополнително Русија најави дека ќе ја обнови својата лунарна програма, прво проучувајќи ја Месечината со летала во орбита и лендери кои треба да слетаат на површината. Околу 2030 година се планира да се направат и први слетувања со човечки екипаж.

Текст: Мартин Стојановски

Сподели.