Нова камера овозможува Ultra HD 4K видео од Меѓународната вселенска станица

0

Меѓународната вселенска станица (МВС) цела година пренесува видеоснимка, во живо, во висока резолуција, но од пред неколку дена на неа ќе може да се снима видео со четири пати поголем квалитет. Овој нов дел за МВС е овозможен од компанијата UrtheCast.

Видеата со ваков квалитет ќе бидат поставени на Јутјуб-каналот на НАСА (NASA) ̶ ReelNASA. Ultra HD video има резолуција од 3840×2160, т.е. четири пати повеќе пиксели од 1080p. Брановата должина на видео со ваква резолуција е голема за МВС, така што за да се пренесе вакво видео од МВС до Земјата се потребни неколку часа.

Оваа камера ќе се користи најмногу за зумирање на површината. Нејзината резолуција е толку голема што со неа можат да се видат дури и автомобили на површината на Земјата во реално време. UrtheCast известува дека резолуцијата на камерата е еден метар, што значи дека еден пиксел на една слика може да биде голем колку еден метар. Споредено со сликите што се добиваат од сателитот WorldView 3, чија резолуција е од 3 сантиметри, резолуцијата од еден метар не изгледа толку голема, но, сепак, за разлика од камерата на WorldView 3, која се користи за добивање на фотографии, новата камера на МВС ќе се користи за видео.

Новата камера на МВС се состои од два инструмента: камерата Ирис (Iris) и камерата Теиа (Theia). Снимка со ултрависока резолуција се добива од камерата Ирис, додека со камерата Теиа може да се добијат фотографии со резолуција од 25MP. Двете камери се донесени на станицата во 2013 година и поставени на рускиот сервисен модул ̶ Звезда. Камерата Ирис е поставена на ротирачка платформа која овозможува снимањето да биде фиксирано на одреден дел од површината на Земјата, додека МВС се движи со брзина од 27 илјади километри на час. Целиот систем овозможува да се добие снимка од 60 секунди на површина од 15 квадратни метри.

UrtheCast планира и продавање на снимки по желба, чија цена би се движела од 4 до 30 долари за еден квадратен километар. Споредено со цени за вакви слични услуги, кои чинат околу 20.000 долари, цената на UrtheCast e многу пониска.

Превод: Јован Поповски

Извор: Extreme Tech

Сподели.