Астрономи можеби откриле црна дупка каква што немаме видено досега

0

Скоро се чини дека астрономите се во трка да ги откријат најголемите црни дупки кои постојат. Неодамна тим од Германски астрономи тврдат дека откриле црна дупка со маса 40 милијарди пати од онаа на Сонцето.Но што ако постојат и црни дупки кои се многу помали?

Во истражување објавено во престижниот магазин Science, тим од астрономи од Државниот Универзитет во Охајо, тврдат дека откриле објект кој припаѓа на класа на црни дупки која претходно недостигаше.

„Ние прикажуваме навестување дека постои друга популација која вистински треба да ја истражиме при потрагата за црни дупки“, изјавил главниот автор Тод Томпсон.

Доколку ова се потврди, моменталните теории мора да земат во предвид нова класа на црни дупки – што ќе не натера да размислиме повторно за начинот на кој се раѓаат и умираат ѕвездите и останатите небесни објекти.

Томпсон и неговиот тим биле збунети од огромниот јаз помеѓу големината на најголемите неутронски ѕвезди – екстремно густи и релативно мали ѕвезди кои се формираат откако поголемите ѕвезди експлодираат после супернова – и најмалите црни дупки кои нам ни се познати.

Неутронските ѕвезди се прилично мали – два до три пати од масата на Сонцето – но ѕвезди кои се поголеми од ова имаат тенденција да колабираат во себе и да формираат црни дупки.

Нивниот доказ е гигантска црвена ѕвезда која орбитирала околу нешто што навидум било премногу мало за да претставува црна дупка во Млечниот Пат, но воедно било и преголемо за да биде неутронска ѕвезда.

Нивното откритие навистина се покажа дека е црна дупка со мала маса, само околу 3.3 пати од масата на Сонцето. Црните дупки за кои знаеме и кои ги имаме откриено во минатото се најмалку пет пати поголеми од масата на сонцето, или многу поголеми.

Ова откритие може да го редефинира начинот на кој го гледаме животниот циклус на една ѕвезда.

„Доколку успееме да откриеме нова популација на црни дупки, тоа би ни открило многу повеќе за тоа кои ѕвезди експлодираат, кои не, кои формираат црни дупки, а кои неутронски ѕвезди“, изјавил Томпсон. „Ова отвора нова област за истражување“.

Превод: Даница Ѓорѓевска

Извор: https://www.sciencealert.com

Сподели.