Дали некогаш сте се запрашале што ќе се случи со Сончевиот Систем кога Сонцето ќе згасне? Дали тоа ќе значи крај за планетата Земја, или пак животот ќе се прилагоди и ќе пронајде нови методи за да опстане?
За околу 5 милијарди години Сонцето ќе ја потроши својата енергија, а тоа драстично ќе влијае врз Сончевиот Систем. Океаните ќе пресушат, блиските планети ќе бидат проголтани, а Сончевите зраци конечно ќе паднат и врз далечните замрзнати светови.
Нашата ѕвезда се напојува преку така наречениот процес на нуклеарна фузија. Тоа е процес во кој водородот се претвора во хелиум, а како резултат на овој процес се зрачи енергија. Но кога ова гориво ќе се потроши, Сонцето драматично ќе почне да расте по волумен. Надворешните слоеви на Сонцето толку многу ќе се прошират што ќе проголтаат голем дел од објектите во Сончевиот Систем. Ѕвездите во оваа состојба за астрономите се познати под името црвени џинови.
Па што ќе се случи со планетите кога Сонцето ќе влезе во фазата на црвен џин? Последните денови на Сонцето се предмет на жестоки дебати помеѓу научниците. Сѐ уште не знаеме точно колку многу ќе се прошири Сонцето и какво ќе биде влијанието, но постојат неколку релативно веројатни сценарија.
Бавната смрт ќе го уништи животот на Земјата. Но од друга страна, може да создаде светови погодни за живот во областите на Сончевиот Систем кои моментално се најдалечни и најстудени.
Доколку некои луѓе преживеат, тие можеби ќе бараат засолниште на Плутон и на некои други џуџести планети во Кујперовиот Појас – област подалеку од Нептун исполнета со замрзнати вселенски карпи. Како што ќе се шири Сонцето, овие светови наеднаш ќе се здобијат со погодните услови за развој и еволуција на живот.
Планетарниот научник Алан Стерн од Југозападниот Институт за Развој ги нарекува „светови со доцно задоволување на условите за живот.“
„Во доцниот период од животот на Сонцето – фазата на црвен џин – Кујперовиот Појас ќе биде како плажите во Мајами, метафорички кажано,“ вели Стерн.
Во продолжение на оваа статија ќе го опишеме Сончевиот Систем во последните денови на Сонцето.
Меркур
Низ историјата на Сончевиот Систем, највнатрешната планета е препечена од Сонцето. Но, и дури денеска, Меркур крие неколку замрзнати делчиња. Како што ќе старее Сонцето, тие ќе испарат, пред конечно и целата планета да испари како во некоја забавена снимка од Мртвата Ѕвезда во филмовите Војна на Ѕвездите.
Венера
Венера понекогаш е нарекувана и „близначка на планетата Земја“ бидејќи соседните планети имаат толку слична големина и состав. Како што се шири Сонцето, тоа ќе ја прегори атмосферата на Венера, а потоа и таа исто така ќе биде изедена од Сонцето.
Земјата
Иако Сонцето има резерви од гориво за уште околу 5 милијарди години, животот на Земјата најверојатно ќе биде уништен долго пред тоа бидејќи Сонцето веќе сјае сѐ посилно и посилно. Според некои претпоставки, потребни се само една милијарда години пред Сончевото зрачење да биде толку силно и да го уништи животот на Земјата.
Иако ова можеби ни звучи како долг период, животот на нашата планета постои веќе три милијарди години.
Исто така, кога Сонцето ќе се претвори во црвен џин, и Земјата ќе испари и тоа можеби само неколку милиони години по Меркур и Венера. Сите камења, фосили и други остатоци од целиот жив свет ќе бидат проголтани од пеколната сончева обвивка, бришејќи ги сите трајни докази за постоењето на човечките цивилизации на Земјата.
Но сепак, не сите научници се согласуваат со ова сценарио. Некои од нив очекуваат Сонцето да престане да расте кратко пред да ја проголта нашата планета. Некои пак предлагаат шеми за поместување на Земјата подлабоко во Сончевиот Систем преку постепено зголемување на нејзината орбита. За среќа, ваквите дебати се целосно на академско ниво за сите кои живееме денеска.
Марс
Планетата Марс не можела да го преживее зрачењето од Сонцето дури и кога тоа било младо, по што истата ја изгубила атмосферата потребна за да ги заштити сложените форми на живот. Сепак, неодамнешните докази покажуваат дека Марс можеби има вода веднаш под површината. Можеби Марс ќе се спаси од огнените јазици на Сонцето и тоа на самата граница, но било која вода веројатно нема да опстане дури и пред црвениот џин да го преземе внатрешниот Сончев Систем.
Гасовитите џиновски планети
Како што Сонцето ги проголтува внатрешните планети, дел од нивниот материјал веројатно ќе биде исфрлен длабоко во Сончевиот Систем кој подоцна ќе биде приберен од телата на гасовитите џинови.
Зголеменото жешко Сонце ќе ги испари и преубавите прстени на Сатурн кои во главно се состојат од мраз. Истото сценарио ги очекува и денешните замрзнати океански светови како месечината на Јупитер – Европа и месечината на Сатурн – Енцелад, чија дебела прекривка од мраз ќе испари во бескрајните пространства на вселената.
Нова зона со услови погодни за живот
Откако нашето Сонце ќе се претвори во црвен џин, Плутон, неговите братучеди во Кујперовиот Појас и месечината на Нептун – Титан најверојатно ќе бидат највредните недвижнини во Сончевиот Систем.
Денеска тие изобилуваат со замрзната вода и комплексни органски соединенија. Некои од нив можат да имаат и океани под нивната ледена површина или пак веќе имале во далечното минато. Но површинските температури на џуџестите планети како Плутон, вообичаено се одликуваат со температури од стотици степени под точката на замрзнување.
Додека Земјата да се претвори во пепел, температурите на Плутон ќе станат слични како и моменталните просечни температури на нашата планета.
„Кога Сонцето ќе стане црвен џин, температурите на површината на Плутон ќе бидат приближно исти со просечните температури моментално на Земјината површина,“ вели Стерн. Во едно негово истражување од 2003 година, тој ги разгледува можностите за живот во надворешниот Сончев Систем откако Сонцето ќе влезе во фазата на црвен џин.
Земјата ќе изгори, но Плутон ќе биде пријатно место со изобилство на истите видови комплексни органски соединенија кои постоеле и на Земјата кога за прв пат се појавиле живите организми. Стерн вели дека Плутон најверојатно ќе има густа атмосфера и течна вода на површината. Вкупната површина на вселенските карпи и џуџестите планети како Ерис и Седна, во новата зона погодна за живот може да изнесува дури и до три пати повеќе од вкупната површина на четирите планети во внатрешниот Сончев Систем.
Сето ова наликува на една академска дискусија која е важна само за нашите далечни наследници, секако, доколку се доволно среќни да живеат милијарди години од сега. Но од друга страна, Стерн посочува дека постојат околу една милијарда црвени џинови во Млечниот Пат – места на кои живите суштества можат да се развијат и потоа да бидат уништени откако нивната ѕвезда ќе ги изгори.
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: astronomy.com