Луѓето никогаш нема да мигрираат на планети надвор од Сончевиот систем

0

Луѓето никогаш нема да мигрираат на планета надвор од Сончевиот систем, бидејќи би било потребно премногу време за да се стигне до таму, изјави победникот на Нобеловата награда- Мишел Мајор од Швајцарија.

На 8-ми октомври Мајор и неговиот колега Дидје Кело беа прогласени за победници на Нобеловата награда по физика благодарение на нивните техники за рафинирање на истражувањата за откривање на таканаречените егзопланети.

Мишел Мајор

Победникот на Нобеловата награда Мишел Мајор вели дека идејата луѓето да живеат на друга планета е сосема луда.

“Кога зборуваме за егзопланети, една работа е потполно јасна: ние никогаш нема да мигрираме таму,” изјави Мајор на Агенцијата за медиуми на Франција кога бил прашан за можноста луѓето да се преселат на други планети.

“Овие планети се многу, многу далеку. Дури и при оптимистичен случај, ако некоја планета погодна за живот се наоѓа на неколку десетици светлосни години, што не е многу, тоа е во соседството, сепак времето потребно да се стигне до таму би било предолго,” додава тој.

“Зборуваме за стотици милиони денови патување користејќи ги средствата кои ни се достапни денес. Затоа мора да се грижиме за нашата планета, таа е многу убава и се уште апсолутно погодна за живот”.

77-годишниот Мајор вели дека чувствувал потреба да ги поништи сите изјави кои велат:” Добро, ќе одиме да живееме на друга планета ако еден ден животот стане невозможен на Земјата”.

“Тоа е апсолутно лудо,” додава тој.

Мaјор и Кело користејќи специјално направени инструменти во нивната опсерваторија во Јужна Франција, во октомври 1995 година откриле нешто што дотогаш постоело само во научната фантастика- планета надвор од Сончевиот Систем на Земјата.

Мајор бил професор на Универзитетот во Женева, а Кело бил студент на докторски студии, кога го оствариле откритието што започнало револуција во астрономијата. Оттогаш, над 4000 егзопланети се пронајдени во нашата галаксија.

“Тоа претставуваше едно многу старо прашање за кое дебатираа филозофите: Има ли други светови во Универзумот?,” вели Мајор.

“Ние бараме планети кои се најблиски до нас, а кои личат на Земјата. Заедно со мојот колега ја започнавме оваа потрага по планети и покажавме дека е возможно да се проучуваат”.

Мајор рече дека одговорот на прашањето дали има живот на други планети останува на следните генерации.

“Ние тоа не го знаеме! Единствениот начин да се дознае тоа е да се развијат техники кои ќе ни овозможат да детекрираме живот на големи далечини,” вели тој.

Превод: Дефне Еминовска

Извор: phys.org

Сподели.