Најдалечниот објект некогаш истражуван содржи мистерии за неговото формирање.
Тимот од НАСА одговорен за мисијата Нови Хоризонти ги објави податоците добиени од најдалечниот објект што некогаш е истражуван, а се наоѓа во Кајперовиот појас и е наречен 2014 MU69.
Анализирајќи ги само првичните податоци собрани за време на прелетувањето на леталото на Нови Хоризонти околу објектот MU69 (наречен уште и Ултима Тули), тимот се соочи со објект многу покомплексен отколку што се очекуваше. Првите научни резултати и толкувања ги објавија само 4 месеци по прелетувањето, на 17 мај во журналот Science.
Покрај тоа што е најдалечниот објект некогаш истражуван, Ултима Тули е воедно и првиот испитуван објект кој потекнува од времето на првично формирање на планета.
Почетните сумирани резултати откриваат многу повеќе за развојот на самиот објект, неговата геологија и составот. Тоа е објект составен од два дела, различни по изглед. Со должина од 36 километри, Ултима Тули се состои од еден голем рамен лобус (наречен Ултима) поврзан со друг помал заоблен лобус (наречен Тули) со помош на врска наречена “врат”. Мистерија е како овие два дела ги имаат добиено нивните форми што е воедно и поврзано со тоа како се формирале пред милијарда години.
Двата дела орбитирале еден околу друг, што е случај и со другите т.н. бинарни светови од Кајперовиот појас, се додека некој процес ги споил заедно. Поставеноста на оските на Ултима и на Тули, посочува дека пред двата дела да се спојат, тие морале одреден период да бидат свртени со истите страни еден кон друг додека заедно орбитирале околу една точка.
“Гледаме во добро сочувани остатоци од минатото. Нема никакво двоумење дека откритијата поврзани со Ултима Тули ќе допринесат многу во теориите поврзани за формирањето на сончевиот систем”, вели Алан Стерн од Истражувачкиот институт во Колорадо.
Како што е објавено во журналот, истражувачите ги испитуваат и карактеристиките на површината на Ултима Тули, како на пример светлите точки, кратери и издигнувања. Најголемата вдлабнатина е широка 8 километри и научниците ја именуваа како кратерот Мериленд, што најверојатно е предизвикана од удар.
Што се однесува до бојата и составот, Ултима Тули е многу слична со другите објекти пронајдени во Кајперовиот појас. Има црвена боја – поцрвена дури и од Плутон, што Нови Хоризонти го истражуваше во 2015 година – а тој црвен изглед се верува дека се должи на промените на органските материи на неговата површина. Научниците од Нови Хоризонти пронајдоа докази за постоење на метанол, мраз и органски молекули на Ултима Тули, мешавина што е многу поразлична од сите досегашни објекти богати со мраз испитувани од вселенско летало.
Пренесувањето на податоци од прелетувањето ќе продолжи и понатаму, се до летото 2020 година. Во меѓувреме, како што се придвижува, Нови Хоризонти продолжува да истражува и други објекти во Кајперовиот појас. Овие објекти се премногу далечни за да се откријат детали на нив како за MU69, но тимот научници може да открива некои други аспекти како на пример нивната светлост. Нови Хоризонти воедно ја мери и радијацијата во Кајперовиот појас.
Леталото на Нови Хоризонти сега се наоѓа на 6.6 милијарди километри оддалеченост од земјата, работи нормално и забрзува длабоко во Кајперовиот појас со 53 000 километри на час.
Превод: Христина Милошевска
Извор: nasa.gov