Можеби нема фосфински сигнал на Венера и покрај се

0

Претходниот месец излезе големо соопштение: изгледа дека Венера има мистериозен извор на фосфин, молекула која на Земјата се поистоветува со распадот на органска материја. Но оттогаш неколку истражувања го имаат доведено откритието под знак прашалник.

Моментално не знаеме дали има фосфин во облаците на Венера. Првобитниот труд вклучуваше две независни набљудувања на фосфинскиот сигнал, но можно е податоците за еден од нив да не биле калибрирани и анализата да произвела нереално силен сигнал.

venera

Уметнички приказ на Венера со јасно видливи облаци. Заслуги: ЕЈО/М. Корнмесер и НАСА/ЏПЛ/Калтек

Ново истражување во Астрономија и Астрофизика, кое вклучува членови на првобитниот тим, го надогради првиот труд. Тимот барал знаци на фосфин на врвот на Венера и не нашол ниеден. Ова само по себе не значи дека воопшто нема фосфин во Венерината атмосфера бидејќи можно е истиот да е лоциран во подлабоките слоеви, не качувајќи се кон врвот.

Сепак, посериозна пречка е новата анализа на податоците. Првобитното истражување користеше набљудувања од телескопот Џејмс Клерк Максвел во Хаваи, кој даде привлечен првобитен сигнал. Потоа бил забележан и можен запис за фосфинот, но тимот не можел да се осигура. Затоа ја искористиле посензитивната Атакамска голема милиметарска/субмилиметарска низа (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array – ALMA).

Анализата повторно го покажала фосфинскиот запис. Податоците често имаат многу шум, па истражувачите користеле статистичка анализа да го потврдат или одбијат присуството на сигналот – далеку од едноставен или непогрешен обид.

Независен тим повторно ги анализирал истите податоци со истиот метод и истиот пронајде нешто незгодно. Пристапот произвел неколку други сигнали кои изгледале вистински но всушност не постоеле. Новата анализа ги отфрли таквите лажни сигналино не произведе силен сигнал за фосфинот. Сеуште е можно да има фосфин, но научниците веќе не можат да кажат дека набљудувањето е сигурно врз основа на податоците.

Згора на сето ова, податоците од ALMA повторно се обработуваат бидејќи набљудувачкиот тим најде проблем со користените податоци и сега истиот се рекалибрира. Моментално не се знае дали податоците имале некакво влијание на кое било од истражувањата.

Потребни се повеќе набљудувања за да се потврди или одбие постоењето на оваа необична молекула на Венера, но засега не би требало да се возбудуваме многу.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: iflscience.com

Сподели.