Предупредување од историјата: Карингтоновиот настан не бил единствен

0

На 1-ви септември 1859 година, најжестоката соларна бура запишана во историјата ја обви нашата планета. Овој феномен стана познат како „Карингтонов Настан,“ наречен по британскиот научник Ричард Карингтон кој сведочел за соларниот блесок што го предизвикал овој настан. Бурата го вознемири магнетното поле на Земјата, предизвика аурори над Куба, Бахамските Острови и Хаваи, предизвика пожар кај телеграфските станици и влезе во историјата како Најголемата Соларна Бура.

Но понекогаш, тоа што го читате во книгите по историја е погрешно.

„Карингтоновиот Настан не е единствен,“ вели Хисаши Хајакава од Јапонскиот Факултет Нагоја, чие неодамнешно истражување на соларните бури откри и други настани споредливи по интензитет. „Иако Карингтоновиот Настан веќе долго време се смета за катастрофа која се случува еднаш во век, историските набљудувања нѐ предупредуваат дека ваквите настани можат да се случуваат и почесто.“

kar 1

Цртеж од Карингтоновата сончева дамка нацртана од Ричард Карингтон на 1-ви септември 1859-та година и од Хајнрих Шваб (вметната) на 27-ми август 1859-та година. Заслуги: https://agupubs.onlinelibrary.wiley.com/doi/full/10.1029/2019SW002269

За генерациите кои ја прогнозираат вселенската временска состојба и учеле дека Карингтоновиот Настан е единствен, ова се зачудувачки мисли. Модерната технологија е многу ранлива во споредба со телеграфите од 19-ти век. Тука спаѓаат GPS, интернетот и трансконтиненталните мрежи за напојување кои можат да ги пренесат влијанијата од геомагнетските бури низ континентите за само неколку минути. Карингтоновиот Настан во денешно време би можел да предизвика сериозен прекин на напојување со електрична енергија, пропратен со пречки во навигацијата, воздушниот превоз, банкарството и сите други форми на дигитална комуникација.

Голем дел од претходните истражувања на сончевите супер-бури се засновани на сведоштва од западната хемисфера, занемарувајќи ги податоците од источната хемисфера. Ова предизвикало да гледаме на Карингтоновиот Настан од погрешна перспектива која ја истакнува важноста на истиот, а ги занемарува другите супербури.

Еден ваков пример е големата бура во средината на септември 1770-та година кога екстремно светли црвени аурори ја покрија Јапонија и делови од Кина. Дури и самиот Капетан Кук ги видел од островот Тимор во близина, лоциран јужно од Индонезија. Хајакава и неговите колеги неодамна открија цртежи од сончева дамка која е двапати поголема од Карингтоновата група на сончеви дамки. Цртежи, записи во дневници и други пронајдени записи, а посебно оние од Кина, спомнуваат аурори на најниската забележана височина низ период од 9 дена.

kar 2

Цртеж од очевидец на црвените аурори над Јапонија во средината на септември 1770-та година. Заслуги: https://iopscience.iop.org/article/10.3847/2041-8213/aa9661/pdf

„Заклучивме дека магнетната бура од 1770-та година е споредлива со Карингтоновиот Настан, барем по видливост на аурори,“ пишуваат Хајакава и неговите колеги во Astrophysical Journal Letter во 2017-та година. „Уште повеќе, времетраењето на бурата е многу подолго од вообичаено.“

Тимот на Хајакава длабоко навлезе во историјата и на други бури, анализирајќи Јапонски дневници, Кинески и Корејски владини записи, архиви на Руската Централна Опсерваторија и дневници од бродови, сѐ со цел да се добие целосната слика на настаните.

Тие открија дека супербурите во февруари 1872-ра година и мај 1921-ва година се исто така споредливи со Карингтоновиот Настан и имаат слични магнетни амплитуди и широкопојасни аурори. Постојат и уште две сончеви бури кои се приближно големи како и Карингтоновиот Настан: Прекинот на напојување со електрична енергија во Квебек на 13-ти март, 1989-та година и уште една неименувана бура на 25-ти септември, 1909-та година, каде интензивноста беше помала за фактор од приближно 2. Проверете ја табелата во научниот труд од 2019-та година на Хајакава (https://agupubs.onlinelibrary.wiley.com/doi/full/10.1029/2019SW002269) за повеќе детали.

kar 3

Извештај од Азискиот континент за џиновски групи од сончеви пеги, видливи со голо око (лево) и аурори (десно) во февруари 1872-ра година. Заслуги: https://iopscience.iop.org/article/10.3847/1538-4357/aaca40/meta

Проучувањето на Карингтоновиот Настан стана честа практика во истражувањето на вселенските временски услови. Еден тим, предводен од Џеф Лов од USGS неодамна потврди дека Карингтоновиот Настан и супер-бурата од мај 1921 година се приближно еднакви. Тимот на Хајакава приложи нови записи од екстремни аурори во Јужна Америка.

Дали уште еден Карингтонов Настан е неизбежен? Можеби. Всушност, една бура штотуку за малку нѐ промаши.

Во Јули 2012-та година, НАСА и Европското вселенско летало гледаа како екстремна сончева бура еруптираше од сонцето и за малку ја промаши Земјата. „Ако не нѐ промашеше, ние сѐ уште ќе се опоравувавме,“ изјави Даниел Бејкер од Универзитетот во Колорадо на Работилницата за Вселенски Временски Услови од NOAA пред две години. „Можеше да биде и посилна од Карингтоновиот Настан.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: spaceweatherarchive.com

Сподели.