Истражувачи од Универзитетот Упсала подготвија нов модел за универзумот кој може да ја реши енигмата за темната енергија. Нивната нова статија, објавена во Physical Review Letters, предлага нов структурен модел за универзумот во кој истиот се наоѓа на работ од меур кој под влијание на темната енергија се проширува во дополнителна димензија.
Во последните 20 години, свесни сме дека универзумот се шири со забрзувачко темпо. Ова забрзано ширење го објаснуваме на тој начин што темната енергија која се шири насекаде низ универзумот, го притиска истиот да се проширува. Разбирањето на природата на темната енергија е една од најважните енигми на фундаменталната физика.
Веќе долго време се надеваме дека теоријата на струни ќе го даде одговорот. Според теоријата на струни, сета материја се состои од мали струни кои вибрираат. Оваа теорија бара повеќе просторни димензии во споредба со трите димензии кои се дел од секојдневното знаење. Веќе 15 години, постојат модели базирани на теоријата на струни, за кои се очекува да ја објаснат темната енергија. Сепак, овие модели подлежат на сурови критики, а неколку истражувачи сега тврдат дека никој од предложените модели до денес нема да работат.
Во нивната статија, научниците предлагаат нов модел со темна енергија, во кој нашиот универзум постои на работ од меур што се проширува во дополнителна димензија. Целиот универзум е сместен на работ на ова меурче што се шири. Целата постоечка материја во универзумот одговара на краевите на струните што се протегаат во некоја дополнителна димензија. Истражувачите исто така покажуваат дека ваквите меури што се шират можат да постојат во рамките на теоријата на струни, а можеме и да замислиме повеќе меури од овој тип, кои би одговарале на други универзуми.
Моделот на научниците од Упсала прикажува нова и поразлична слика за создавањето и судбината на универзумот, а исто така и отвора нови начини и методи за тестирање на теоријата на струни.
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: phys.org