Астрономите пронајдоа ѕвезда што е стара речиси колку и Универзумот

0

Пронајдовме уште една древна ѕвезда која талка низ Млечниот Пат. Откривме дека црвената џиновска ѕвезда SMSS J160540.18–144323.1 на растојание од околу 35 илјади светлосни години има најмало количество железо од било која друга ѕвезда во нашата галаксија која некогаш сме ја анализирале.

Ова значи дека истата е една од најстарите Ѕвезди во универзумот. Веројатно припаѓа на втората генерација ѕвезди по Големиот Прскот пред 13.8 билиони години.

prva dzvezda

Уметнички приказ на првите ѕвезди. Заслуги: Wise, Abel, Kaehler (KIPAC/SLAC)

„Оваа неверојатно анемична ѕвезда најверојатно е формирана неколку стотици милиони години по Големиот Прскот и има 1,5 милиони пати помалку железо од Сонцето,“ објаснува астрономот Томас Нордлендер од Центарот АРК за Извонредност во Астрофизика на Целото Небо (англ. ARC Centre of Excellence for All-Sky Astrophysics – CAASTRO) во 3 Димензии и Австралискиот Национален Универзитет.

„Тоа е како една капка од полн Олимписки базен.“

Со оглед на тоа дека младиот Универзум речиси и да немал воопшто метал, ваквите мали количества на железо ни кажуваат колку многу е стара оваа ѕвезда. Првите ѕвезди се состоеле главно од водород и хелиум и веруваме дека биле многу масивни, многу жешки и со релативно краток животен век. Ваквите ѕвезди ги викаме Популација III и никогаш немаме видено ваква ѕвезда.

Сите ѕвезди се напојувани од процесот на нуклеарна фузија во кој атомските јадра на полесните елементи се соединуваат и формираат потешки елементи. Кај помалите ѕвезди водородот преминува во хелиум, но кај помасивните ѕвезди како оние од Популација |||, може да се формираат и елементи како силициум и железо.

Кога ваквите ѕвезди ќе го завршат својот живот со спектакуларна супернова експлозија, тие ги распрскуваат овие елементи низ Универзумот. При формирањето на нови ѕвезди се заробуваат и елементите во близина. Па затоа, количеството на метал во една ѕвезда е релативно сигурен показател за тоа кога истата е формирана.

Засновајќи се на количеството метал, знаеме дека сонцето е можеби стотина генерации после Големиот Прскот.

Сепак, во Млечниот Пат постојат и други ѕвезди со ниски нивоа на метал, а со тоа и нивното потекло датира уште од младиот Универзум. Една таква ѕвезда е 2MASS J18082002–5104378 B, претходниот рекорд за ѕвезда со најниска металичност од [Fe/H] = −4.07 ± 0.07, што е околу 11 705 пати помалку од Сонцето.

Но ѕвездата SMSS J160540.18–144323.1 има металичност од само [Fe/H] = −6.2 ± 0.2. Како што вели Нордлендер, тоа е 1,5 милиони пати помалку од Сонцето.

Мали се шансите дека некоја ѕвезда од Популација III е сѐ уште жива за да ја проучуваме, ама ѕвездите кои настанале по неа можат да ја кажат нивната приказна.

Истражувачите веруваат дека ѕвездата која и го дала железото на SMSS J160540.18–144323.1 имала маса од само десетина пати повеќе од Сонцето, што е релативно малку во споредба со другите ѕвезди во младиот Универзум. Сепак оваа маса е доволна за да настане неутронска ѕвезда. Тимот од истражувачи исто така верува дека после релативно слаба супернова, оваа ѕвезда преминала во неутронска ѕвезда.

Суперновите експлозии можат да предизвикаат таканаречен r-процес, односно брз процес на фаќање неутрони (англ. rapid neutron-capture process). Се работи за серија од нуклеарни реакции во кои атомските јадра се судираат со неутрони и се создаваат елементи потешки од железо.

Не постојат значителни докази за присуството на овие елементи во ѕвездата, што значи дека новата мртва неутронска ѕвезда си ги вратила назад овие елементи. Сепак, одреден дел од железото избегало и било дел од формирањето на ѕвездата SMSS J160540.18–144323.1.

Веројатно е дека се работи за една од првите ѕвезди на втората генерација.

Но сега веќе умира. Црвен џин е, а тоа значи дека е при крај на својот животен век и ги користи последните резерви на водород пред да се префрли на фузија со хелиум.

Тимот верува дека длабокото проучување на оваа ѕвезда, може да ни каже повеќе информации за ѕвездите од Популација III. Но замислете какви приказни можеше да ни каже доколку зборуваше.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.