НАСА хранела лебарки со камења од Месечината донесени со мисијата ‘Аполо 11’

0

Звучи чудно: НАСА хранела лебарки со драгоцените месечеви примероци од Аполо 11. И ги фрлала во вода со риби. И инјектирала глувци со тие примероци. Но вистина е!

mesecina kamenje 1

Лабораториските техничари ги испитуваат глувците кои биле инјектирани со материјал од месечината собран за време на Аполо 11 мисијата. Фотографијата е направена во август 1969 година. Заслуги: НАСА.

НАСА сè уште ги поседува повеќето од  камењата од Месечината, кои екипажот на Аполо 11 ги донел на Земјата, но мал дел од нив биле искористени во малку познатата, но витално важна низа од експерименти кои што загарантираа дека месечевите примероци се безбедни да се задржат овде на Земјата.

Научниците биле прилично сигурни дека нема потенцијално опасни бактерии кои живеат на Месечината, но не можеле да бидат апсолутно сигурни. И додека примероците од Месечината претставуваат неверојатен подарок за науката, тие можеле да бидат вистинско проклетство на Земјата како ризик за копнениот живот. Така, како дел од подготовките на агенцијата за мисијата, НАСА поставила програма за тестирања.

“Моравме да докажеме дека нема да ги заразиме не само човечките суштества, туку и рибите и птиците и растенијата…”, вели Чарлс Бери, кој бил задолжен за медицинските операции за време на Аполо, во интервју за НАСА во 1999. “Моравме да докажеме дека нема да влијаеме врз било кој дел од земјината биосфера. Затоа ја развивме оваа неверојатна програма која беше спроведена во текот на три летови”.

Самите астронаути биле во карантин по нивното враќање на Земјата, каде што останале изолирани од сите освен 20 луѓе за три недели. Неколку глувци исто така биле во карантин додека биле и астронаутите. Тие биле инјектирани со материјал од Месечината и биле следени и набљудувани исто толку внимателно како и екипажот.

“Тие сакаа да знаат како се глувците во било кое време,” вели Јудит Хејс, главен на Секторот за биомедицински истражувања и науки за животната средина на НАСА, кој работел во зградата каде што некогаш бил сместен карантинот и кој разговарал со научниците што ги придружувале астронаутите во тоа време. “Ако глувците беа добро, тогаш најверојатно ќе беа ослободени навреме, а ако не беа добро, веројатно ќе се испитуваа многу повнимателно и подолго”.

Но, потврдувањето дека луѓето и глувците би преживеале случајна средба со месечева материја не било доволно. Зачувувањето на безбедноста на целиот копнен живот било малку покомплицирано отколку да се внимава на појавата на симптоми како кашлица и осип.

kamenje 2

Лабораториски техничар испитува јапонска препелица која била изложена на месечеви примероци собрани од мисијата Аполо 11. Заслуги: НАСА.

Најпрво, НАСА ги избрала видовите на животни што ќе ги користи. Покрај глувците, агенцијата и нејзините партнери избрале и други репрезентативни видови: јапонската препелица како претставник на птиците, неколку непрепознатливи риби, кафеави ракчиња и остриги како претставници на школките, германски лебарки и муви како претставници на инсектите и други.

Потоа, агенцијата почнала да ја користи својата драгоцена ново доставена месечева материја од 22 килограми. Научниците таа материја ја претвориле во прав, со тоа што половина од тој прав бил испечен за да се стерилизира, а половина бил оставен таков каков што бил. Рецептата се разликувал од еден до друг животински вид: глувците и препелиците биле инјектирани со месечевиот материјал, инсектите примерокот го добиле измешан во нивната храна, а за водните животни месечевата материја била додадена во водата во која живееле.

НАСА ги набљудувала животните за еден месец во случај некои од нив да настрадаат заради изложеноста на материјал од Месечината. Сите животни биле добро, освен остригите кои умирале без разлика дали се во обична вода или вода со месечев  материјал, но тоа се случило затоа што  тестирањата биле извршени за време на сезоната на парење.

“Резултатите од овие тестирања не дадоа никакви информации кои би укажале дека месечевите примероци вратени од мисијата Аполо 11 содржат агенси кои се опасни по животот на Земјата,” заклучија авторите на трудот кои ги прераскажува тестирањата, објавени во списанието Science една година по Аполо 11.

Покраj тестирањата врз животните, НАСА работела и со Министерството за земјоделство на САД за да ги тестира растенијата за било какви несакани реакции oд месечевиот материјал. Тестирањата биле извршени за секој случај ( Како што изјавил еден вработен од Министерството за земјоделство во статија издадена во август 1969: “Што би можело да направи малку месечева прашина на насадени домати? Најверојатно ништо.”). Овие експерименти вклучувале одгледување семе во месечева почва и тестирање не само домати, туку и тутун, зелка, кромид, папрат и др. Некои од овие растенија всушност подобро пораснале во реголитот отколку во почвата што научниците ја користеле како за споредба.

Слични експерименти биле спроведени и по Аполо 12 и 14 и биле тестирани вкупно 15 различни животински видови, според еден документ на НАСА. Додека тестирањата врз растенијата и животните биле во тек, НАСА исто така култивирала примероци во петриеви садови за да воочи дали ќе има создавање на микроорганизми.

“Тие не најдоа никаков микробиолошки раст на месечевите примероци и немаше никакви микроорганизми што тие барем првично би ги припишале на вонземен извор. И екипажот немаше никакви знаци на заразна болест, и животните ги преживеаа тестирањата, така што сите поминаа добро”, вели Хејс.

Конечно, НАСА била уверена дека месечевиот реголит не е опасен. По Аполо 14, во 1971 година, агенцијата престанала да ги тестира животните и повеќе не ги вршела строгите карантински процедури за астронаутите кои се вратиле од Месечината. Исто така, престанала да ги држи во карантин и лабораториските техничари кои работеле со месечевите примероци и можеле да стапат во контакт со камењата од Месечината.

НАСА имала добра причина да ги елиминира тестирањата врз животните.” Планетарните научници не беа задоволни од количината на материјал за која сметаа дека е залудно потрошена и од степенот до кој карантинот го намали фокусот на планетарното истражување”, стои во извештајот на НАСА.

Превод: Дефне Еминовска

Извор: livescience.com

Сподели.