Пронајдено најблиското кафено џуџе до Сончевиот систем

0
Уметничка перспектива која го покажува објектот WISE JO85510.83-071442.5, кој претставува најладното откриено кафено џуџе. Заслуги: Пен Стејт Универзитетот/НАСА/Калтек

Уметнички приказ на објектот WISE JO85510.83-071442.5, кој претставува најладното откриено кафено џуџе. Заслуги: Пен Стејт Универзитетот/НАСА/Калтек

Нашето ѕвездено соседство неодамна стана поинтересно…. а и поладно.

Во близина на нашиот Сончев систем пронајдено е кафено џуџе, кое има заледени температурни карактеристики слични како нашиот северен пол. Астрономот Кевен Лухман од Универзитетот во Пенсилванија го користел Телескопот на НАСА за набљудувања на Широко Инфрацрвено-Поле (Wide-field Infrared Survey Explorer (WISE)) како и Спитцер Телескопот, со цел да ги дознае температурата и растојанието на овој објект. Објектот е досега најладниот ѕвездолик објект и се наоѓа на растојание од само 7.2 светлински години, растојание кое го прави седмиот најблизок објект до нашето Сонце.

„Пронаоѓањето на нов близок сосед на нашиот Сончев систем е доста возбудливо“, вели Лухман. Кафените џуџиња настануваат кога облаците од гас и прашина колабираат. Сепак, за разлика од ѕвездите, тие никогаш не стануваат доволно густи, ниту пак доволно топли, како би овозможиле процеси на нуклеарна фузија во нивните јадра. Тие не се масивни како ѕвездите, но се помасивни од гасовитите џинови (како Јупитер). На почеток тие горат со голем интензитет, но со текот на времето се ладат. Интересното е што новопронајдениот објект е ладен како мраз.

WISE телескопот два пати го набљудувал целото небо за време на своето кратко 14-месечно работење, набљудувајќи ладни објекти кои емитуваат во инфрацрвената светлина. Тој забележал ладни астероиди, прашинести облаци, протопланетарни дискови, далечни галаксии како и стотици кафени џуџиња. Од овие објекти, WISE JO85510.83-071442.5 се движел доста брзо, што сугерирало дека се наоѓал многу близу до Сончевиот систем. Сите ѕвезди во нашата галаксија орбитираат околу Млечниот Пат, со привидни движења на временска сакала од стотици години. Ѕвездите кои се блиски до Сонцето, пак, може да бидат забележани како извршуваат движење на временски скали од само неколку години. Овој објект изгледал како да врши движења за време од само неколку месеци.

Кликнете на горната слика за да ја видете анимацијата од гореспоменатиот објект. Тој за прв пат бил забележан кај две инфрацрвени слики добиени во распон од 6 месеци во 2010-та година (жолтите триаголници). Две додатни слики од објектот биле сликани со Спитзер Телескопот на НАСА во 2013-та и 2014-та година (зелените триаголници). Заслуги: НАСА/Калтек/Пен Стејт

После првичното забележување на овој впечатлив објект во податоците на WISE, Лухман анализирал додатни слики добиени со Спитзер и Гемини Телескопите. Комбинираните детекции земени од различни позиции околу Сонцето овозможуваат мерење на паралаксата на објектот – позицијата на објектот во однос на позадината од ѕвезди, гледана од повеќе линии на набљудување – овозможувајќи му на Лухман да го одреди растојанието на објектите.

Спитцеровите додатни набљудувања помогнале при одредувањето на ладната температура на објектот, која може да биде одредена според тоа колку светлина оддава објектот во различни бои. Исто како кај пламенот, најтоплиот дел има сина боја, додека најладните делови се црвени. Лухман пронашол дека температурата кај кафените џуџиња е помеѓу -48 и -13 Целзиусови степени. Претходните податоци за најладните кафени џуџиња се движеа околу собна температура.

„Навистина е интересно што дури по неколку декади од проучување на небото, сè уште немаме комплетен список од блиските соседи на нашето Сонце“, се изјаснува Мајкл Вернер од НАСА. Тој вели дека ваквите возбудливи резултати ја демонстрираат моќта на истражувњето на Универзумот користејќи нови алати, како што се инфрацрвените очи на WISE и Спитцер. Играјќи со имагинацијата и напредната технологија, возможно е постоењето и на други поладни објекти, можеби кафени џуџиња или скитнички егзопланети, кои се наоѓаат дури поблиску до нашето Сонце.

Извор: Universe Today

Превод: Бојан Андоновски

Сподели.